Стивен Хокинг конечно го објави решението за информацискиот парадокс на црните дупки

Во јануари Стивен Хокинг излезе со соопштение дека открил можно решение за информацискиот парадокс за црните дупки – или со други зборови дека дошол до потенцијално објаснување за тоа како можат црните дупки во исто време да ги избришат и да ги зачуваат информациите.

Тогаш тој го постави својот труд на сајтот „arXiv.org“ за да биде достапен и до другите физичари и сега, речиси шест месеци подоцна, истражувањето официјално ја помина рецензијата и укажува на тоа дека можеби ова прашање конечно е решено.

Оригиналното сфаќање за црните дупки, според Ајнштајновата општа теорија на релативитетот е дека сѐ што ќе ја помине границата на црната дупка е изгубено засекогаш. Дури и светлината не може да избега од нив, па затоа и се нарекуваат црни дупки (затоа е невозможно и да ги видиме).

Но, во 1970 година Хокинг предложи дека зрачењето всушност може да избега од црната дупка, поради законите на квантната механика. Или поедноставно, кога црната дупка ќе проголта една половина од парот честичка-античестичка, другата честичка зрачи далеку во просторот, крадејќи по малку светлина од црната дупка како што ја напушта.

Поради ова, црната дупка со време исчезнува и единствен преостанат траг би било електромагнетното зрачење што тие го емитуваат – познато како „Хокингова радијација“.

Проблемот е што според најдобрите пресметки на Хокинг, зрачењето не би содржело корисни информации за тоа што проголтала црната дупка – односно проголтаните информации би биле изгубени засекогаш. Тоа не се совпаѓа со сфаќањата на модерната физика која наведува дека е возможно да се врати времето. Барем теоретски, процесите во Универзумот би изгледале исто и кога се движат напред и назад.

Како што објаснува „The New York Times:“

„Универзумот, како и некој суперкомјутер, би требало да може да следи дали едно возило е зелено пикап комбе, а друго црвено порше, или дали нешто е направено од материја, а друго од антиматерија. Овие работи можат да се уништат, но „информациите“- нивните основни физички атрибути, би требало да живеат вечно“.

Оттука произлегува и парадоксот. Ова е всушност големо прашање не само за астрофизичарите, бидејќи ако законите на квантната механика не важат за црните дупки, тогаш што да се каже за нивната примена на се друго?

Но, Хокинг смета дека конечно нашол решение за овој проблем – црните дупки може всушност да се обиколени со ореол од т.н. „мека коса“ што има способност да складира информации.

Оваа „мека коса“ всушност претставува ниско–енергетски квантни осцилации кои во себе носат шематски запис од сѐ што било проголтано од црната дупка, долго време по нивното исчезнување.

„Овие записи, исто како и пикселите на вашиот „iPhone“ или брановидните вдлабнатини на винилните плочи, содржат информации за тоа што поминало низ хоризонтот и исчезнало“- пишува „The New York Times“.

Хокинг дошол до овој заклучок откако идентификувал два основни проблеми во неговите оригинални претпоставки.

Овие претпоставки биле дека вакуумот во квантната гравитација е уникатен и дека црните дупки немаат квантна „коса“. Хокинг ги ревидирал овие претпоставки и сега е прилично сигурен дека црните дупки имаат ореол од „мека коса“ околу себе.

Оваа хипотеза ја помина научната ревизија и беше објавена во „Physical Review Letters“, а истражувачите тврдат дека иако треба уште доста да се направи, ова е ветувачки чекор напред кон решавањето на информацискиот парадокс.

„Важно е да се нагласи дека овој труд не го решава проблемот со информациите во црните дупки“ – пишува физичарот Гери Хоровиц од Универзитетот Калифорнија, во Санта Барбара, во придружниот коментар.

„Прво, анализите треба да се повторат и за гравитацијата, а не само за електромагнетните полиња. Авторите во моментов работат на оваа задача и прелиминарните пресметки укажуваат дека и во случај на чиста гравитација ќе биде слично“- додава тој. „Уште поважно е тоа што „меката коса“ што тие ја претставуваат, веројатно не е доволна да ги зароби сите информации за се’ што паѓа во црните дупки“.

Неговата критика се однесува на тоа што сѐ уште е нејасно дали сите информации проголтани од црната дупка навистина можат да се пренесат на меката коса, а не само енергетскиот запис од сѐ што е изгубено.

Но, признава тој: „Секако е можно, ако се следат индикациите од овој труд, понатамошните истражувања ќе откријат повеќе „коса“ од ваков тип, што на крајот можно е да доведе до решавање на проблемот со информациите во црните дупки“.

А тоа секако ќе биде значаен ден за физиката, бидејќи ќе бидеме еден чекор поблиску до решавањето на една од најголемите мистерии на познатиот Универзум – необичноста на црните дупки.

Поддржете ја нашата работа: