Генетските промени што произлегуваат од траумата на преживеаните од нацистичките логори се пренесуваат и на нивните деца. Ова е досега најјасниот знак дека искуствата од животот на една личност можат да бидат пренесени на следните генерации.
Ова е заклучокот на истражувачкиот тим од болницата Маунт Синај од Њујорк, предводен од Рејчел Јехуда, и произлегува од генетската анализа на 32 лица, мажи и жени Евреи, кои, или биле во нацистичките концентрациони логори и биле сведоци на тортурата, или се криеле за време на Втората светска војна.
Исто така, тие ги анализирале и гените на нивните деца за кои било познато дека се под зголемен ризик од појава на стресни пореметувања и ги споредиле со резултатите од еврејските семејства кои за време на војната живееле надвор од Европа.
„Промените во гените на децата можат да се припишат само на траумите од холокаустот што ги преживеале нивните родители“ – вели Јехуда.
Овој труд е најјасниот пример за преносот на траумата на децата преку т.н. „епигенетско наследство“, односно пример дека дека влијанијата од животната средина, како што се пушењето, исхраната и стресот може да влијаат на вашите деца, а можеби дури и на внуците.
Оваа идеја е контроверзна, бидејќи научните гледишта се дека гените во ДНК се единствениот пат преку кој биолошките информации се пренесуваат помеѓу генерациите. Сепак, нашите гени се модифицираат од надворешната средина цело време, преку хемиски агенси кои се закачуваат на нашата ДНК. Некои неодамнешни студии укажуваат дека некои од овие агенси може на некој начин да се пренесуваат низ генерациите, што значи дека нашата животна средина може да влијае и на здравјето на нашите деца.
Истражувачите посебно внимание посветиле на дел од генот кој е поврзан со регулацијата на хормоните на стрес, затоа што е познато дека на него влијае траумата. Тие откриле епигенетски знаци и кај луѓето што го преживеале холокаустот и кај нивните потомци. Ваква корелација не била откриена кај контролната група и нивните деца. Со понатамошна генетска анализа, истражувачите ја исклучиле можноста епигенетските промени да бидат последица од траума што ја доживеале самите деца.
Сѐ уште е нејасно како можат овие епигенетски знаци да се пренесат од родител на дете. Генетските информации во спермата и јајце-клетката не би требало да бидат под влијание на еколошките фактори – секое епигенетско влијание врз ДНК, се смета дека се чисти веднаш откако ќе настане оплодувањето.
Сепак, едно неоданешно истражување направено од Азим Сурани и неговите колеги од Универзитетот Кембриџ, покажува дека некои епигенетски знаци го избегнуваат ова чистење при оплодувањето. Нејасно е дали овие генетски промени, откриени при ова истрежување трајно ќе влијаат на здравјето на детето, ниту пак дали резултатите ќе сменат некоја од теориите за еволуцијата.
Влијанието што го има преживувањето на холокаустот врз следните генерации се истражува веќе со години. Предизвикот е да се покаже дека интергенерациските ефекти не се пренесуваат само од општествените влијанија од родителите или од обичното генетско наследство, вели Маркус Пембри, професор од Универзитетскиот Колеџ Лондон. „Ова истражување на Јехуда прави корисен напредок. Тоа е почеток на сфаќањето како една генерација одговара на искуствата од претходната генерација“.
Може ли да се наследи сеќавањето на траумата?
Истражувачите веќе имаат покажано дека одредени стравови може да се наследуваат низ генерациите, барем што се однесува до животните.
Научниците од Универзитетот Емори во Атланта тренирале машки глувци да се плашат од мирисот на цреша, со тоа што мирисот го спојувале со мал електро шок. На крај глувците трепереле од мирисот и кога не бил поврзан со електро шок.
Потомците од овие глувци го покажале истиот страв од мирисот на цреша и покрај тоа што претходно воопшто не се сретнале со тој мирис. Истото се случило и со некои од нивните потомци.
Од друга страна, потомците на глувци кои биле условени да се плашат од друг мирис или глувци кои немале таква условеност, не покажале страв од мирисот на цреша.
Исплашените глувци продуцирале сперма која имала помалку епигенетски знаци на генот кој е одговорен за создавање на рецептори кои ќе го почувствуват мирисот на цреша. Самите потомци имале зголемен број на рецептори за мирисот на цреша во мозокот, иако, како ова ги навело да го поврзат мирисот на цреша со страв, сѐ уште останува мистерија.
Истражувањето е објавено во „Biological Psychiatry“.