Можеби ќе звучи како сценарио од некој филм со вампири, но во октомври во Калифорнија луѓе кои патат од Алцхајмерова болест добија крв од млади луѓе со надеж дека ќе се поправат некои од оштетувањата предизвикани од оваа состојба.
Резултатите добиени од досегашните испитувања на животни се ветувачки.
Првиот обид за освежување на старата со нова крв е направена 1950 година. Клајв Меккеј од Универзитетот Корнел во Итака, Њујорк директно ги поврзал васкуларниот систем на стар и млад глушец, техника што се нарекува „Heterochronic parabiosis“. Наодите покажале дека после кратко време рскавицата кај стариот глушец изгледала многу помлада отколку што се очекувало да биде. Неколку други експерименти со „Heterochronic parabiosis“ покажале слични резултати. Сепак, до неодамна, механизмот што ги предизвикува овие ефекти беше недоволно јасен.
Во 2012 година, тим научници од Универзитетот Харвард, на чело со Ејми Вејџерс при еден експримент со глувци го идентфикувале GDF11(growth differentiation factor). Се потврдило дека GDF11 има ист ефект во процесите на подмладување како и „Heterochronic parabiosis“.
Една година подоцна, истиот тим покажа дека дневна инфузија на GDF11 го зголемува бројот на крвни садови и бројот на матични клетки во мозокот, а веќе е познато дека двата фактори ја подобруват мозочната функција.
Одделно истражување од тим научници од Стенфорд ,предводен од Тони Вис-Кореј, исто така покажало подобрување на когнитивните функции и физичката издржливост кај испитуваните глувци.
Познато е дека GDF 11 учествува во повеќе механизми кои го контролираат растот.Исто така се смета дека е поврзан со процесите на стареење на мозокот, делумно со активацијата на друг протеин кој е поврзан со растот на неуроните и долгорочната меморија. Не се знае зошто, но нивото на GDF11 и кај луѓето и кај глувците опаѓа со годините.
И сега, главното прашање, може ли GDF11 да има ист ефект и кај луѓето?
Првичните резултати, добиени кога на глувци им биле дадени инјекции од човечка плазма, покажале дека човечката крв има позитивен ефект на секој орган што се испитувал.
Позитивните резултати, добиени од досегашните истражувања, доведоа до финалната фаза, кога ќе се вршат испитувања на луѓе.
Така, на почетокот на октомври, тимот од Медицинскиот факултет Стенфорд започна со давање на трансфузија на крвна плазма, донирана од лица помлади од 30 година, на постари лица со блага до умерена форма на Алцхајмер.
Проценката на когнитивните функции ќе се врши непосредно пред и неколку дена после трансфузијата. Исто така, со помош на членови од семејството секое лице одделно ќе се следи во текот на неколку месеци, со цел да се откријат какви било позитивни ефекти.
Научниците нагласуваат дека ефектите можат да бидат минливи, но секое подобрување дури и за еден ден ќе претставува потврда на концептот кој вреди да се развива.
Сите истражувачи кои се вклучени во ова истражување, сепак се сложуваат дека е мала веројатноста GDF11 да е единствен фактор кој ги одржува органите млади. Веројатно, овие ефекти се резултат на комбинација на повеќе фактори. Ако се откријат овие фактори, би било можно да се изработи лек кој би го имал истиот ефект. Бидејќи, трансфузијата на крв од млади луѓе како терапија е тешко изводлива на подолг рок, со оглед на тоа дека нема кој да донира толкаво количество крв. Исто така ако се откријат кои ткива ги продуцираат овие фактори, би можело тие да се стимулираат кај постарите луѓе.
Помош при хемотерапија
Една од потенцијалните можности на овој третман е и кај хроничните состојби. Луѓето кои боледуваат од рак, често во текот на хемотерапијата се соочуваат со губење на мускулната маса. Тие кои покажуваат отпорност на губење на мускулатурата имаат и подобри шанси за преживување. Засега се испитуваат ефектите на растот на туморите кај животни, но се очекува такви испитувања да почнат да се вршат и на луѓе.
Но, пред тоа би требало да се утврди динамиката на овие фактори во крвта, како на пример, на која возраст тие го достигнуваат врвот. Дали е тоа на 5 години или на 35, и што ќе се случи ако се даде премногу GDF11, дали ќе има дополнителни позитивни ефекти, или пак исходот би бил негативен.
На крај, се чини дека во крвта се наоѓа „фонтаната на младоста” и секој од нас ја има. Само и нејзината сила со годините се губи.
Енаука.мк ќе ги следи овие и слични истражувања и во моментот кога ќе бидат објавени ќе ги пренесеме и споделиме резултатите од истите.