Истражувачите откриле начин како да предизвикаат исти визуелни халуцинации кај здрави луѓе – без да користат лекови.
Халуцинациите можат да бидат индуцирани од било каде само со гледање на краткото видео и предизвикува сите луѓе да гледаат иста халуцинација – а тоа е подвижни сиви кругови.
Ова значи дека научниците ќе можат да почнат да проучуваат што точно ги предизвикува халуцинациите во мозокот и како да ги третираат кај лицата со одредени состојби, како на пример Паркинсоновата болест.
Иако халуцинациите најчесто се поврзуваат со психијатриските пореметувања, и здравите луѓе можат да ги доживеат, преку земање на лекови, кога се лишени од сон, или ако страдаат од мигрена. Халуцинациите можат да бидат поттикнати и од состојби како што е Паркинсоновата болест, а истражувачите се борат да ги контролираат.
Се смета дека овие неволни искуства се јавуваат кога се случуваат промени во мозокот кои привремено ја „окупираат“ визуелната функција – меѓутоа, точниот механизам не е јасен. Причината лежи во тоа што за да ги проучуваат халуцинациите, на научниците им е потребна голема група на луѓе кои доживуваат иста халуцинација во исто време, поттикната на ист начин, но никој не успеал тоа да го постигне – се додега.
Истражувачите од Универзитетот Нов Јужен Велс во Австралија, успеале да надградат еден стар трик за халуцинирање, каде се користи трепкаво светло, за да предизвикаат исти халуцинации.
Претходно, халуцинациите поттикнати од трепкаво светло беа различни кај секој човек – како различни бои или разични облици, така што на научниците им беше тешко да откријат што точно се случува. Но, кај новата техника се користи трепкаво бело светло на црна позадина, со што била поттикната потполно иста халуцинација речиси кај сите 100 здрави студенти – волонтери кои биле досега тестирани. Сите виделе бледо сиви кругови кои воопшто не се наоѓаат таму. Кругот е всушност чисто бел, што може да се види ако се стопира видеото.
Ова може да го погледнете во видеото подолу, но се препорачува да не го правите тоа доколку имате проблеми со мигрена, епилепсија или психијатриски нарушувања.
Откако ќе се загледате во екранот би требало да видите светло сиви кругови кои се појавуваат и ротираат во белиот круг, прво во една, а потоа во друга насока. Сепак, мора да се напомене дека иако ова функционирало кај сите студенти што биле тестирани, не мора да значи дека ќе функционира кај сите.
„Со нашата техника успеавме да ја елиминираме непредвидливоста. Луѓето не гледаат линии, ветерници, или различни бои, туку само една една халуцинација – сиви кругови. Кога халуцинацијата е стабилна, како оваа, може да почнеме објективно да ги истражуваме основните механизми“ – вели водачот на истражувањето Џоел Пирсон.
Со помош на видеото истражувачите успеале објективно да ја измерат јачината на халуцинацијата, преку поставување на втор круг со обележани сиви кругови внатре во белиот круг, при што учесниците требало да одговорат дали тие кругови што ги халуцинирале биле посветли или потемни од реалните.
Потоа отишле еден чекор подалеку и ја примениле истата техника, но ја менувале светлината во левото и десното око, наизменично, и студентите повторно ги гледале халуцинациите.
Фактот дека студентите можеле да ги видат халуцинациите кога ова се случува, е потврда дека халуцинациите произлегуваат од визуелниот кортекс – делот од мозокот кој ги обработува визуелните податци и ни овозможува да гледаме и единствен дел од мозокот кој може да ги спои заедно пораките кои одвоено доаѓаат од левото и од десното око.
Всушност, се чини дека и за халуцинациите важат истите закони и својства како и за нормалната визуелна перцепција, вели Пирсон, што на истражувачите им дава многу важни индиции како да ги превенираат халуцинациите кај пациентите во иднина.
Следниот чекор ќе биде техниката да се тестира кај пациенти со Паркинсонова болест, што истражувачите планираат да го направат во најскоро време.
Истражувањето е објавено во „eLife“.