Во потрага по вештачко срце

Во 1967 година, хирургот Кристијан Бернард од Јужна Африка, во Кејп Таун ја направил првата трансплантација на човечко срце во светот. Наскоро потоа и докторите ширум светот почнале да изведуваат трансплантации на срце. Но проблемот бил што секој од примателите умирал во рок од една година после операцијата. Имуниот систем на пациентите го отфрлал страното ткиво. За да се надмине овој проблем, пациентите добивале лекови со кои се супримира нивниот имунолошки систем. Но, на некој начин, овие први имуносупресивни лекови премногу го ослабувале имуниот систем и пациентите на крај умирале од инфекции. Изгледало како медицината повторно да се враќа на почеток.

Едно од можните решенија, на кое истражувачите почнале да работат уште од крајот на 1960-тите, е вештачко срце. Првиот таков уред бил направен од Вилем Колф, физичар-иноватор кој ја дизјнирал првата машина за дијализа на бубрези. Тој, работејќи заедно со свој колега инженер Роберт Јарвик, на Универзитетот во Јута, го создале  уредот „Јарвик -7“. Уредот се состоел од две пумпи, две црева за воздух и четири залистоци и бил два пати поголем од нормално човечко срце и можел да биде имлантиран единствено кај поголеми пациенти – главно  возрасни мажи. Надворешниот систем ја покренувал пумпата преку довод што влегувал од левата страна на пациентот. Големата конзола била на тркала и  била тешка (иако не толку висока) како еден стандарден фрижидер и нормално бил приклучена на компримиран воздух, вакуум и електрична енергија.

Во 1982 година, Јарвик и Колф добиле одобрение од Американската администрација за храна и лекови (FDA), да  го употребат кај луѓе и истата година е извршена првата имплантација. Првиот пациент бил 61-годишниот Барни Кларк, кој живеел со „Јарвик-7“ 112 дена. Втората имплантација била извршена во 1984 година, а пациентот починал после 620 дена. „Јарвик-7“ бил имплантиран кај вкупно пет пациенти. Сите од нив починале во рок од 18 месеци од операцијата, од инфекција или од мозочен удар. Уредот бил доработуван и преименуван неколку пати. До денес, тоа е единственото вештачко срце што е ододбрено од „FDA“, како уред за премостување на периодот до трансплантација на срце кај пациентите.

Друго вештачко срце што широко се употребува, а е директен наследник на „Јарвик-7“ е „СинКардија“ (SynCardia). Во почетокот на 2000-те, од компанијата „Абиомед“ од Масачусетс било претставено новото вештачко срце кое (за разлика од „СинКардија“) е направено да биде трајна и потполна замена за срцето кај пациенти со срцева слабост во терминална фаза, кои не се кандидати за трансплантација и на кои не може да им се помогне со ниеден од постоечките третмани.

Сите овие верзии на вештачко срце, било да се наменети како привремена или трајна замена за срцето, се обидуваат да ја копираат функцијата на срцето имитирајќи го природниот проток на крвта и како резултат на тоа е добиена пулсирачка пумпа, а протокот на крвта е ист како кај природното срце, со просечно 80 отчукувања во минута, потребни за одржување на животот.

Сега, научниците работат на нов вид на вештачко срце, со една клучна разлика од досегашните – срцето не чука.

Архимедовиот навој бил антички апарат кој се користел за да се подигне вода, на поголема височина. Во суштина се состои од еден винт, сместен во цевка. Кога понискиот дел ќе се постави во вода и кога ќе почне да работи, водата се подига кон површината. Во 1976 година, за време на една волонтерска медицинска мисија во Египет, кардиологот д-р Ричард К. Вамплер, видел како луѓето ја користат оваа направа за пумпање вода од реките. Тоа го инспирирало истиот принцип да го примени и за пумпање на крвта. Така била создадена „Хемопумпата“ – направа со големина на гума за бришење молив. Кога винтот, внатре во пумпата се вртел, крвта се истиснувала од срцето во останатиот дел од телото. Тоа била првата пумпа во светот со „континуиран проток“- брзото вртење на турбините создава проток, слично како течењето на  водата во градинарските црева, што значи дека протокот на крвта е непрекинат од момент во момент. Поради ова, нема исфрлање на крв во млазеви и затоа нема ни појава на пулсирање. Срцето на пациентот чука, но поради континуираниот проток од пумпата, пулсот е замаскиран, што значи, често не може да се опипа пулсот на рачниот зглоб или на вратот (каде што обично се проверува пулсот на срцето).

Најновиот прототип на вештачко срце на фирмата „Абиомед“, наречен „Импала“, користи слична технологија, подобрена со современиот инженеринг. Уредот содржи мотор, толку мал, што е сместен во внатрешноста на уредот, на крајот од катетерот, наместо надвор од телото. „Импала“ е најмалата срцева пумпа што се користи денеска и не е многу поголема од еден обичен  молив. Од март 2015 година, е одобрена од „FDA“ за клиничка употреба, како поддршка при хируршки интервенции на срце кои траат до шест часа.

Во меѓувреме, во Институтот за срце во Тексас, направен е уредот „HeartMate II“. Исто како и „Хемопумпата“, и овој уред не може да го замени срцето, туку повеќе служи како помош (нешто како патерици за срцето). Со големина како мало авокадо, „HeartMate II“, има поголема примена од „СинКардија“ и – барем теоретски , може да работи значително подолго – и до десет години. Откако во 2010 година бил одобрен од „FDA“, близу 20 000 луѓе, меѓу кои и поранешниот потпретседател на САД, Дик Чејни, имаат вградено „HeartMate II“. 20 од нив, живеат со овој уред повеќе од осум години и кај сите нив речиси воопшто не може да се опипа пулсот.

Иднината на трансплантацијата на срце

Обидете се да замислите свет полн со луѓе кои немаат пулс. И многумина ќе се запрашаат како ќе се утврдува дали некој е жив, кога на може да му се опипа пулсот. Се разбира, како што вели д-р Вилијам Коен, хирург во Институтот за срце во Тексас, постојат и други релевантни начини да се утврди дали некој е жив, меѓудругото и дали диши. Но, тој се сложува дека кога овие уреди ќе бидат имплантирани во голем број, ќе биде потребно да се востановат стандарди за утврдување на виталните знаци на лицата. Негова замисла е дека тие луѓе би требало да носат бразлетна или можеби некаква тетоважа, што на другите луѓе ќе им посочува дека овие лица немаат пулс.

Се поставува и прашањето, како луѓето ќе прифатат срце што, буквално не чука. Веројатно исто како кога прв пат е предложена трансплантацијата на срце – со отпор, проследено со прифаќање заради неизмерната потреба.

Како што вели познатиот хирург Дентон Кули, секоја нова процедура е проследена со критика. Уште од првата трансплантација на срце, критиките против трансплантација биле исто толку силни колку и тие во корист на трансплантацијата. Околу срцето постои голема мистерија, но, тој смета дека повеќето критики се поради незнаење, недоволна информираност или суеверие.

Доктор Кули ја направил првата имплантација на вештачко срце во САД  во 1969 година.

„Секогаш сметав дека срцето има само една функција, а тоа е да пумпа крв во телото. И од тој аспект, срцето е многу едноставен орган“- вели д-р Кули.

Поддржете ја нашата работа: