Заштита на медицинскиот персонал од радијација

Во едно истражување , истражувачите поделиле 505 пациенти, подложени на дијагностичка коронарна ангиографија или перкутана коронарна интервенција, како што е поставувањето на стент, во две групи. Во половина од операциите, медицинските работници го користеле постоечкиот  уред за мерење на радијација, односно „дозиметриска” значка што се носи од страна на медицинско лице во период од  еден месец, а потоа се мери кумулативната доза на радијација. Кај другата половина, медицинските работници  користеле уред наречен „Bleeper Sv“, кој сигнализира еднаш на секои 15 минути како одговор на ниско ниво на радијација, еднаш на секои 20 секунди кога изложеноста е поголема или пак сигнализира постојано, ако изложеноста е многу висока.

Во онаа група која го носела со уредот кој дава аудитивни повратни информации во моментот, изложеноста на радијација е намалена за околу една третина.

“Радијацијата е невидлива. Употреба на уред за детекција може да обезбеди „визуелизација” на изложеноста во моментот, овозможувајќи им на операторите да преземат активности за намалување на истата”, истакнува водечкиот автор на истражувањето д-р Емануел Брилакис.

Меѓу активностите кои  медицинските работници  ги преземаат за да се намали изложеноста на радијација се: намалување на стапката на рамката (бројот на Х-зраци земени во секунда за да се создаде слика на коронарните артерии), намалување на времето за флуороскопија, преместување на пациентот, преместување на медицинскиот работник, прилагодување на позицијата на заштитната опрема и користење на дополнителна заштита.

Користењето на уреди кои обезбедуваат повратни информации за нивото на радијација во моментот може многу да придонесе за безбедноста на медицинските работници. Уредот има ниска цена и функционира со сите видови на Х-зраци.

Лекарите и другите здравствени работници за срцева катетеризација, просечно учествуваат во стотици операции за една година. Ограничувањето на нивото на изложеност на работното место е 20 mSv годишно за период од пет години, но се смета дека нема безбедно ниво.

Радијацијата го зголемува ризикот од канцерогени заболувања. Луѓето кои се хронично изложени на радијација во лабораториите за срцева катетеризација се со поголема веројатност  да развијат тумори на левата страна на мозокот.

Намалувањето на изложеноста на радијација кое е забележано во ова истражување, има огромно значење за спречување на идните негативни здравствени последици.

Поддржете ја нашата работа:
Ви благодариме за секоја ваша поддршка и донација