На 30 до 50 проценти од лицата кои патат од депресија, антидепресивните лекови не им помагаат, а истражувачите можеби сега го имаат одговорот зошто е тоа така.
Во една неодамнешна студија, истражувачите, меѓу кои и Силвија Погини од Институтот Супериоре ди Санита во Рим, направиле експеримент на глувци со цел да откријат дали условите од животната средина имаат влијание на тоа дали антидепресивите ќе делуваат или не.
Група од 24 глувци била ставена под зголемено ниво на стрес, во период од две недели, а потоа биле третирани со антидепресивниот лек Флуоксетин (од класата на селективни инхибитори на преземање на серотонинот –(SSRI)). Половина од глувците биле ставени во пријатна средина, додека другата половина глувци били оставени во стресна средина исто како што биле претходно. Потоа го измериле нивото на цитокаини во мозокот кои се поврзани со стресот.
Цитокаините се протеински молекули кои ја помагаат комуникацијата на клетка со клетка во имунолошкиот систем. Резултатите покажале дека кај глувците кои се наоѓале во пријатна средина имало зголемување на проинфламаторни цитокаини, додека глувците кои биле изложени на стрес покажале зголемување на антиинфламаторните цитокаини и повеќе симптоми на депресија, што било показател дека само антидепресивите не се доволен третман против депресијата.
„Ова значи дека мора да размислиме како да се адаптираме на околностите и дека терапијата со антидепресиви е само една алатка во борбата против депресијата. Се чини дека антидепресивите го отвораат мозокот за премин од една фиксна состојба на чувство на несреќа, во состојба кога другите околности можат да детерминираат дали ќе се опоравите “- објаснува Погини.
И покрај добиените резултати, Погини упатува предупредување до лицата што страдаат од депресија за примената на ова во своите животи.
„Нашите наоди се прелиминарни и им препорачуваме на пациентите да се придржуваат до терапијата што им е препишана од докторите“- вели Погини.
„SSRI“антидепресивите делуваат преку зголемување на нивото на серотонин во мозокот, но ова повеќе му овозможува на мозокот да влезе во фаза на потенцијална промена, отколку во вистинска промена, се нагласува во истражувањето.