Понекогаш за да добиеме одговор на прашањата за природата треба да се потсетиме колку нашата планета е необична. Соленото езеро Хилиер кое се наоѓа на островот Мидл на западот во Австралија не е единственото розово езеро на светот, но секако најдолго го задржа вниманието на научниците.
Иако појавата на розова боја кај останатите езера набрзо го најде својот причинител, а тоа се точно одредени алги кои живеат во нивните длабочини, експертите долго време не можеа да пронајдат ништо слично во езерото Хилиер. Сепак, овој австралиски скапоцен камен, според новите истражувања, веќе подолго време не е толку таинствен.
Екстремофилите се организми кои живеат во физички или геохемиски екстремни услови и како такви претставуваат едни од најубавите организми на Земјата. Таквите организми своето прибежиште го пронашле во ова солено езеро со необична розова боја.
Научниците собрале седименти и вода од целото езеро за да дознаат точно кои алги и бактерии живеат во него. Примероците се испитувани по пат на метагеномска анализа и помеѓу многуте микробиоми, научниците ја пронашле добро познатата микроалга, наречена Dunaliella salina. И во другите езера во кои оваа алга е пронајдена, таа се смета за главен виновник за бојата на езерото.
Оваа микроалга го произведува пигментот каротеноид и помага во апсорбирањето на сончеви зраци, а сето тоа резултира со необична боја на водата.
Меѓутоа, алгата конкретно за ова езеро не е единствен причинител за бојата, бидејќи исто така е пронајдена бактеријата наречена Salinibacter ruber, која исто така допринесува за обојување.
Езерото кое е доказ за магијата на природата е опкружено со густа дабова шума и еукалиптус, а од океанот го дели само едно тесно подрачје на песочна дина.