Арахнофобијата прави пајаците да изгледаат поголеми

Според едно неодамнешно истражување, очите можат да бидат лесно измамени. Спроведено од страна на истражувачи од универзитетот Бен-Гурион во Израел, ова истражување покажа дека стравот од пајаци може да ја промени перцепцијата на личноста за пајаковидните животни, така што тие изгледаат поголеми отколку што навистина се.

Во ова истражување биле вклучени 25 жени од кои било побарано да ја проценат големината на пајаци, пеперутки и птици прикажани на фотографии. Пред проценувањето, жените биле поделени во две групи- со голем или со мал страв од пајаци- врз основа на нивните одговори на прашалник кој ја оценува сериозноста на арахнофобијата. Овие прашања се наменети за да се направи разлика помеѓу стравот и општата непријатност, со што им се овозможува контрола на истражувачите при вршењето на проценка.

Иако и двете групи ги процениле пајаковидните животни за еднакво непријатни, само групата со голем страв од пајаци ја преувеличила нивната големина. Додека пак кај птиците и пеперутките немало разлики меѓу двете групи во однос на проценката на големина.

arachnophobia_by_disse86-d8gxu5m

Во својата изјава, истражувачите велат дека се случува нешто повеќе од една едноставна разлика во мислењето.

„Ова истражување откри дека перцепцијата на една основна карактеристика како што е големината е под влијание на емоциите, и покажува како секој од нас го доживува светот на единствен и поинаков начин“ – вели д-р Тали Либович, д-р истражувач во Oдделот за мозок и когнитивна наука на универзитетот.

Иако резултатите од ова истражување укажуваат на тоа дека стравот од пајаци ја менува перцепцијата, Либович изјавува дека е можно луѓето со арахнофобија веќе да имаат изменета перцепција, од што произлегува и нивниот страв. Само идните истражувања ќе го откријат одговорот на ова прашање, кој би послужил и како основа за развивање на третман против различни фобии.

Поддржете ја нашата работа: