Дали имаме само пет сетила?

Најголемиот број од луѓето секако ќе се согласат дека човекот има пет сетила – за вид, за слух, за допир, за мирис и за вкус. Сепак, не сите се согласуваат дека само со овие пет сетила го перципираме светот околу нас. Некои експерти го оспоруваат ова. Според едни сетилата можат да се сведат само на три, додека според други имаме на 1000 сетила.

Концептот на пет сетила има свои корени во антиката од трактатот на Аристотел „Де Анима“. Во овој документ тој пишува за природата на живите суштества и посветува посебни поглавја за видот, слухот, допирот, мирисот и вкусот. Оттогаш се направени огромни чекори во мерењата и проучувањата на нашите сетила, но конкретна дефиниција сѐ уште не е прецизирана.

Денеска сетилата неодредено се дефинираат како физиолошка способност која им овзможува на луѓето да примаат дразби. Малку „потехнички“ кажано некои тврдат дека сетилата се „телесни системи кои се состојат од група на сензорен тип на клетки кои реагираат на специфични физички појави, кои кореспондираат со одредени региони во мозокот“- како што вели Џесика Кератини во „Harvard Medicine“.

Ако невролозите се водат според оваа попрецизна дефиниција, тоа отвора врата за многу повеќе сетила, како што е положбата на нашето тело во просторот. Рамнотежата се контролира во голема мера од вестибуларниот апарат во внатрешното уво, најчесто во комбинација со визуелниот апарат. Како посебно сетило, многу автори ја сметаат проприоцепцијата, односно перцепцијата за положбата на нашето тело. Ова сетило може да го доживеете ако ги затворите очите и го допрете врвот на носот со вашиот прст – не можете да видите што правите, но можете да почувствувате каде се наоѓа вашиот прст и да го доближите до вашиот нос.

140925135733-yoga-klutz-lunge-horizontal-large-gallery

Некои одат уште подалеку тврдејќи дека нашите сетила треба да бидат дефинирани според рецепторите – секој тип на рецептори за потполно засебно сетило. Со ова би се добиле многу повеќе од петте сетила што сега ги препознаваме. На пример, за одредување на топлината на некое тело би користеле друго сетило од сетилото за допир, бидејќи во нашата кожа има различни рецептори за механички притисок, болка и температура. Според оваа логика и другите наши сетила би биле разделени на повеќе подсетила – кај мирисните рецептори на повеќе од 1000.

Во другата крајност пак, преку многу строга дефиниција, бројот на сетила би можел да се намали. Ако дефиницијата на тоа што претставува едно сетило се ограничи само на типот на физичките дразби, ние би имале само три сетила: механичко, што ги вклучува допирот, слухот и проприоцепцијата; хемиско, што ги вклучува вкусот и мирисот, и светлосно за видот – како што истакнува когнитивниот невронаучник Кристијан Џерет за „BBC“.

Иако е ова интересна област за истражување за научниците, но дали е навистина толку важно што сметаме дека претставува едно сетило? Според психотерапевтот Френ Валфиш, за луѓето кои патат од прекумерно чувствителни сетила, ова е многу повеќе од обично филозофско прашање.

„Некои деца и возрасни имаат изразена чувствителност на гласни звуци (сетилото за слух)  или тактилни сензации (допир)“ – вели Валфиш за „Medical Daily“. Таа објаснува дека за овие лица дури шушкањето на етикетiте од облеката или стуткан раб од чорапите може да биде измачување. „Идентификацијата и разбирањето на нишите сетила и нашата ранливост ни овозможува да се заштитиме од чувствата и ситуациите кои ни предизвикуваат фрустрации, лутина, недоразбирања или страв“ -додава таа.

Lush-sues-Amazon-over-trademark-infringement_medium_vga

Валфиш вели дека експертите кои наведуваат повеќе сетила – некогаш дури и над 20, не им помагаат на родителите или децата со ваков вид на чувствителност. Тие само уште повеќе ја усложнуваат и онака сложената состојба. Таа сепак смета дека има простор за повеќе сетила од традиционалните пет.

„Рамнотежата и проценката за растојанието помеѓу нас и друго лице треба да се сметаат како две дополнителни сетила, бидејќи тоа се две области каде многу деца и возрасни се среќаваат со најголеми предизвици“- вели таа. Докторите кои ги разликуваат овие две сетила може да преземат подобри терапевтски мерки кога работат со лица кои имаат сетилни потешкотии. За оние пак кои немаат такви потешкотии, да се допре до сетилата кои ни се помалку познати исто така може да биде од голема корист како за подобрување на нашата свесност така и за подобрување на физичките способности.

Поддржете ја нашата работа: