Ген од бактерија може да доведе до поголеми приноси кај растенијата

SONY DSC

Се чини дека научниците се чекор поблиску до создавање на растенија кои ќе може да апсорбираат повеќе сончева светлина, а со тоа да даваат и поголеми приноси.

Биохемичарите од Државниот Универзитет во Пенсилванија, САД, откриле ген кој може да го конвертира хлорофилот – пигментот што ја апсорбира светлината и кој растенијата го користат за фотосинтеза, во форма која ја апсорбира брановата должина на делечното инфрацрвено подрачје од светлосниот спектар.

Алгите, растенијата и некои бактерии ја обезбедуваат енергијата преку процесот на фотосинтеза. Процесот кој се одвива само под дејство на видлива светлина –  ја апсорбира светлината со бранова должина од 400 до 700 нанометри, преку зелениот пигмент хлорофил. Преку серија од хемиски процеси, светлината, плус јаглеродниот диоксид се претвора во шеќер и кислород.

Некои цијанобактерии (кои обично се познати како зелено-сини алги, иако всушност се работи за бактерии), можат да ја искористат и светлината што е надвор од видливиот спектар – отприлика од 700 до 800 нанометри, преку хлорофилот Ф. Оваа форма на хлорофил беше откриена од австралиските научници во 2010 година, но, како се создава  „хлорофил ф“ остана мистерија.

Истражувачите направиле испитување на геномот од два вида цијанобактерии, кои природно го создаваат хлорофилот Ф. Тие го идентификувале ензимот кој е одговорен за создавање на овој хлорофил – кој го нарекле „хлорофил ф синтаза“, како и генот кој го регулира.

Кога истрежувачите го „исклучиле“ овој ген, цијанобактериите биле комплетно оневозможени да го синтетизираат хлорофилот ф.

Кога додале „хлорофил ф синтаза“ на цијанобактерии кои зависат само од видливата светлина, тие откриле дека бактеријата продуцира хлорофил ф – иако во мали количини и само кога расте на светлина. Ова укажува дека хлорофилот ф е на некој начин поврзан со хлорофилот А – односно молекулата што растенијата ја користат да го апсорбираат видливиот дел од спектарот.

Ако хлорофилот Ф е контролиран само од еден ген, ќе биде возможно тој ген да се внесе во растенијата за да можат тие да го прошират спектарот на светлина што ќе го користат за фотосинтеза, велат истражувачите.

Ова откритие, што ќе им овозможи на научниците да создаваат растенија кои ќе можат подобро да ја искористат сончевата енергија, се објавени во списанието „Science“.

Поддржете ја нашата работа: