На 5-ти јули 1996 година, овцата Доли влезе во историјата како првиот цицач што беше успешно клониран од соматска клетка. Со тоа се отвори ерата кога ќе можат по желба да се клонираат други расни животни.
Но, научниците се соочија и со тоа дека Доли може да биде загрижувачка генетска приказна – генетските тестирања покажаа дека во нејзината ДНК има знаци на стареење уште на едногодишна возраст, а на пет години и беше дијагостициран артритис. Не беше јасно дали овие проблеми на Доли се јавиле затоа што таа е клон.
Доли почина во 2003 година од вирусна инфекција на шест годишна возраст, што е половина од очекуваниот животен век на тој вид на овца.
Но, се чини дека Доли едноставно немала среќа, затоа што научниците од Универзитетот во Нотингем објавија дека четирите клонирани овци што се изведени од клеточната линија на Доли се живи и здрави на своја девет годишна возраст.
Четирите овци – Деби, Дениз, Диана и Дејзи (или како што ги нарекуваат „Nottingham Dollies“) се единствените преживеани од групата од 10 клонови на Доли, родени во 2007 година.
Тие се одгледани заедно со девет други клонирани и обични овци, со цел да се измери нивното метаболичко, кардиоваскуларно и мускулно-скелетно здравје. И покрај тоа што Доли имаше предвременото стареење на зглобовите, само една од четирите клонови (овцата Деби), покажала знаци на умерен артритис. Поголемиот дел од овците не се разликуваат од другите овци и се со многу добро здравје според нивната возраст.
Идејата дека петтте клонови може да развијаат артритис на различен начин и на различна возраст, за научниците претставува показател за проучување како епигенетиката, односно факторите кои придонесуваат каква ќе биде експресијата на гените, влијае на животот на еден организам.
Сите овци биле клонирани со помош на истата метода како и Доли (somatic-cell nuclear transfer).
Во овој процес, научниците земаат ДНК (која се наоѓа во јадото на клетката) од клетка на оригиналното животно (во овој случај од млечната жлезда на оргиналната овца) и ја префрлаат во јадрото на една јајце клетка. Потоа на новата јајце клетка и даваат мал поттик – во овој случај, кофеин, кој предизвикува клетката да почне да се дели додека не стане одржлив ембрион.
Со матурацијата (созревањето) на клетките настанува и нивна диференцијација. На пример, една кожна клетка се разликува од една белодробна клетка. Дел од она што го направи успешно создавањето на Доли е тоа што научните успеале да ги „ресетираат“ овие диференцирани клетки во недиференцирани, за да можат тие да израснат во потполно ново јагне.
Во видеото што го објави Универзитетот во Нотингем, водачот на истражувањето Кевин Синклер, објаснува дека ова е најтемелната студија за здравјето на клоновите во текот на нивниот животен век. (Синклер го презеде проектот, откако во 2012 г. почина професорот Кит Кемпбел кој ги клонираше овците пред девет години).
Засега доброто здравје на овците – заедно со одличните услови во кои тие се одгледуваат, се индикатор дека клоновите можат да имаат долг и здрав живот.