Луѓето и кучињата се најдобри пријатели веќе многу долго време – најмалку 10.000 години. Но, сте се запрашале ли некогаш како кучињата и другите животни биле припитомени и зошто? И колку се разликуват денешните домашни животни од нивните диви предци? Приказната е малку покомплицирана, отколку што можеби ви се чини.
Докази за припитомувањето на животните може да се најдат во древните текстови, ѕидното сликарство и египетските гробници. Од сите овие докази, заедно со современите генетски тестирања, можеме со голема сигурност да составиме временска рамка кога и каде почнало припитомувањето на животните.
На пример, знаеме дека кучињата биле првите миленичиња на човекот. Некои научници велат дека кучињата еволуирале од волците, но едно неодамнешно истражување сугерира дека кучињата и сивите волци еволуирале од заеднички предок. Без разлика на тоа, на археолозите, од ископаните артефакти и животински коски, им е познато дека кучињата биле дел од животот на луѓето долго пред почетокот на земјоделието – значи, најмалку пред 10.000 години. Мумифицирани кучиња се пронајдени и во античките гробови во Египет.
Овие докази сугерираат дека ние се’ уште сме биле ловци-собирачи кога веројатно се појавиле првите кучиња и веројатно играле значајна улога во нашата заштита. На пример, лаењето на кучињата би можело да биде како праисториски алармен систем, кој не предупредувал дека опасните животни или други племиња се во наша близина.
Па, како домашните кучиња, кои спаѓаат во подгрупата „Canis lupus familiaris“ прераснале и се разграниле во толку многу различни раси низ целиот свет? Вештачка селекција. Тоа значи дека ние луѓето, со илјадници години ги селектираме кучињата што најмногу ни се допаѓаат, било поради нивното меко крзно, пријателска настроеност или интелигенција или дури и поради нивната насилност, па ги чуваме до нас и ги одгледуваме.
Во текот на нешто помалку од 10 000 години, одгледувачите ги менувале особините и формата на кучињата за да ги добијат најпосакуваните карактеристики.
Научниците велат дека кога луѓето сфатиле дека можат да ги припитомат кучињата и да ги користат за секојдневните задачи како ловот, почнале да ги припитомуваат и другите животни за различни цели – како овците, козите, говедата и свињите.
Припитомувањето на животните одиграло клучна улога за подемот на земјоделството и експанзијата на раните цивилизации од пред околу 10.000 години. Отприлика во истото време, различните цивилизации почнале да тргуваат и ги користеле говедата како средство за плаќање. Коњите и камилите станале средства за транспорт на долгите трговски патувања. Овие товарни животни го трансформирале нашиот начин на живот.
Се разбира, припитомените животни што влијаеле на одредени заедници биле различни низ светот. Говедата, овците, козите, коњите, магарињата, камилите, кокошките и свињите биле домородни во Афро-Евроазија, додека луѓето од двете Америки ги припитомиле ламите, мисирките и морските прасиња … кои баш и не се животни што ќе повлечат тежок товар или ќе ве одведат на долг пат. Бидејќи не може да се јава лама или мисирка, не постоела можност да се патува на големи далечини за да се тргува, па затоа на цивилизациите од двете Америки им било потребно повеќе време да се развијат од оние во Афро-Евроазија. Па како што гледате „бушавите глави“ направиле многу повеќе за човековата цивилизација, отколку што веројатно сте мислеле.