Како кучињата си го пронаоѓаат патот до дома?

Способноста на животните да се движат на долги растојанија со години е обвиткана во мистерија. Од гулабите кои лесно можат да си го најдат патот до дома, до сезонското мигрирање за парење на китовите, голем број на животни се способни да се движат на конзистентен, прецизен и ефикасен начин.

Приказни за кучиња кои поминале стотици километри за да се вратат кај сопствениците постојано го привлекуваат вниманието на медиумите. Па, дали оваа способност за навигација на кучињата се должи на приврзаноста со сопствениците или пак постои научно објаснување?

Се чини дека „природната мапа“ кај животните главно зависи од видот. Многу животни, вклучувајќи ги и кучињата, се движат со помош на интеграција на голем број внатрешни системи и надворешни сигнали (мирис, сонце, магнетни полиња, сеизмички движења и слично). Покрај тоа, кучињата ги води наградата, па многу е веројатно дека позитивната асоцијација со одредени луѓе или места ќе резултира со желба да се вратат таму. Неверојатната способност за мирис на кучињата исто така помага за подобра ориентација.

Неодамнешни истражувања покажуваат дека кучињата, како и некои примати, поседуваат молекула (cryptochrome 1) во фоторецепторите во ретината која се поврзува со магнеторецепцијата, односно способноста да се почувствува магнетното поле, што дополнително ја објаснува способноста на кучињата да се вратат дома.

Интересно е тоа што научниците досега не успеале да ја идентификуваат оваа молекула кај лилјаците, за кои веќе е познато дека се движат чувствувајќи ги магнетните полиња. Можеби кај некои животни еволуирале различни начини за користење на магнетното поле за да ја идентификуваат локацијата, или пак можеби се вклучени низа биолошки процеси.

Сепак, треба да се напомене дека животните кои поминале стотици километри за да се вратат дома се повеќе исклучок од правилото отколку самото правило. Постојат голем број кучиња кои се едноставно изгубени и дури и длабоката поврзаност со сопствениците не е доволна за да можат да си го пронајдат патот назад.

Некои кучиња навистина можат да се движат на долги растојанија и да си го пронајдат патот назад, и додека се чини дека постои некоја основна биологија вклучена во тој процес, конкретната наука се’ уште останува мистерија.

Поддржете ја нашата работа: