Кинеската вселенска програма направи уште еден чекор напред откако успешно ја лансираше втората вселенска лабораторија, наречена Тиангонг-2.
Иако Тиангонг-2 е мал прототип модул, со должина од само 10 метри и вкупна тежина од 8,6 тони, тој целосно функционира како вселенска станица, само во минијатурни размери. Ова ќе и помогне на Кина да се подготви за постојаната вселенска станица што се очекува да се изгради околу 2022-та година.
Ласнирањето беше изведено во четвртокот (15 септември), нешто после 10 часот по локално време од космодромот Џиучиен, во кинеската пустина Гоби, со ракетата „Long March–2F T2“.
Десет минути после лансирањето, модулот се откачил ракетата, откако ја достигнал висината на оритата.
Откако ќе бидат завршени тестирањата на модулот, самостојната мини станица сама ќе се управува на височина од 393 километри – отприлика на истата височина како и Меѓународната вселенска станица. Таму ќе биде стационирана во следните две години.
Кон крајот на октомври, на станицата ќе пристигнат двајца кинески астронаути, со леталото Шенжхоу-11, кое би требало да се приклучи на станицата. Се очекува астронаутите да останат 30 дена, при што ќе ја тестираат опремата и ќе вршат експерименти, пред да се вратат на Земјата.
За екипажот на Тиангонг-2, голем предизвик ќе биде изведувањето на експериментите на толку мал простор.
Научниците ќе прават истражувања меѓудругото и од областа на вселенската медицина, физика, мониторирање на атмосферата, одгледување на растенија, истражувања за соларните бури итн. Вселенската лабораторија исто така ќе биде опремена и со атомски часовник, дизајниран за истражување на флуктуациите во микрогравитацијата.
„Бројот на експерименти што ќе се вршат на Тиангонг-2 ќе биде поголем од било која досегашна вселенска мисија“- вели Лиу Конгмин од Кинеската акдемија на науки за новинската агенцијата Ксинхуа.
Оваа прототип лабораторија е наследник на Тиангонг–1. Првиот модул беше лансиран пред пет години и главно се користеше за прецизни подесувања на механизмот за прикачување и оперативни процеси, додека Тиангонг–2 стриктно ќе биде фокусиран на истражувањата.
Во април идната година, првиот кинески вселенски товарен брод, Тиангонг–1 ќе се приклучи на Тиангонг–2 и ќе го додаде своето гориво и други залихи потребни за идниот екипаж. После две години би требало модулот да се деактивира и да се спушти некаде во Тихиот Океан.
Дотогаш, Кина ќе работи на развој и израдба на многу поамбициозен следбеник на Tиангонг–2. Откако Тиангонг –програмата ќе биде завршена, вселенската станица наменета перманентно да орбитира околу Земјата ќе биде составена во предвиден временски рок од 10 години.
Иако има малку детали за вселенската станица, се очекува таа да се состои од три дела – јадро на модулот, на кое се закачени две одделни вселенски лаборатории – многу слично како и Тиангонг леталото. Би требало да биде во можност да поддржува долгорочни вселенски престои на астронаутите кои ќе траат и до една година.
„Тиангонг–2 е потсетник дека Кина има вселенска програма која вклучува екипаж, како и способност да ги однесе своите астронаути во вселената, нешто што Американците не можат да го направат“ – вели кинескиот експерт за вселенска политика Деан Ченг од фондацијата Херитиџ за „New Scientist“.
Во моментов Русија ги пренесува американските астронаути во вселената, иако, на долгорочен план за ова се борат приватните компании како Спејс-Екс и Боинг. Но, да се постигне потребната инфраструктура и технологија воопшто не е лесна работа, како што се докажа и со неодамнешната експлозија на ракетата на Спејс-Екс.
Во меѓувреме, импресивните самостојни достигнувања на кинеската вселенска програма се нешто што останатиот свет треба сериозно да ги земе предвид, а заедно со идните научни цели може да и овозможи на Кина да го постигне тоа по што нацијата одамна копнее.
„Кина сака да изгради и да раководи со вселенска станица од истите причини од кои тоа го направија САД и Советскиот Сојуз изминативе децении – престиж“- вели вселенскиот експерт Брајан Веден од Фондацијата „Secure World“ во Вашингтон за списанието „Nature“.