Кој дел од мозокот е одговорен за љубезноста и хуманоста кај луѓето?

ABNHKB Grandchild offering small bouquet of summer wild flowers to grandmother

Научниците се обидуваат да го идентификуваат и разберат основниот механизам во мозокот кој ни овозможува да бидеме љубезни едни со други и притоа да го искористат тоа знаење за потенцијални терапии кои би ја подобриле функцијата на нервните патишта, особено за оние лица кои имаат потешкотии да се поврзат со другите.

Според едно ново истражување, мозочната структура во облик на бадем, позната како амигдала, е одговорна за позитивното социјално однесување.

Амигдалата, особено базолатералниот дел, е вклучен во процесот на донесување одлуки и социјална перцепција, земајќи ја предвид можноста дека придонесува за донесувањето на одлуки во однос на другите, велат истражувачите.

Скорешните истражувања покажуваат дека активноста во базолатералниот дел придонесува и е вклучена во емоциите и нивното изразување (особено стравот), вредноста на наградите и казните, предвидувањето на ризичните финансиски одлуки, внатрешните мотивациони цели, како и корелацијата меѓу будноста и вниманието. Но, и покрај ова, начинот на кој реагираат невроните во базолатералниот дел за време на социјалните одлуки е непознат.

Затоа, истражувачите го проучувале социјалното однесување на резус макаки – вид на мајмуни кои главниот автор на истражувањето, Мајкл Плат, ги проучувал во период од 22 години, и во лабораторија и во дивината. Доброволното споделување и донирање се само два вида на позитивно социјално однесување, но при истражувањето исто така се покажани и услужливост и соработка.

Во истражувањето учествувале мајмуни – актери и мајмуни – примачи при што мајмуните -актери учеле одредени обоени форми кои се поврзани со одредена награда (сок), која можеле да ја добијат тие, соседниот мајмун или никој. Истражувачите забележале дека мајмуните – актери преферирале да наградат друг мајмун отколку да го остават сокот и никој да не го земе. Притоа, им ја снимале нервната активност во амигдалата за да видат дали нивните нервни реакции се синхронизирани со надворешносто однесување, а особено следеле како невроните во базолатералниот дел ја кодираат вредноста на наградата за себе во споредба со наградата за другите. Откриле дека активноста на невроните е подеднаква. Потоа вовеле окситоксин – хормон кој влијае на социјалните одлуки преку промена на функцијата на амигдалата. Однесувањето на мајмуните брзо се променило.

Овие видови на мајмуни се слични и можат да се споредат со луѓето, но истражувачите не се сигурни дека овие резултати ќе се повторат и кај луѓето. Кога луѓето вдишуваат окситоксин, се менува протокот на крв во амигдалата, што може да е причина за нивното љубезно однесување. Во секој случај, ова истражување потврдува дека амигдалата е клучен дел од мозокот кога станува збор за социјалните одлуки и би можело да има последици кај лицата со аутизам, шизофренија или други растројства поврзани со анксиозноста.

Истражувањето е објавено во „Proceedings of the National Academy of Sciences“.

Поддржете ја нашата работа: