Луѓето што работат подолго од 48 часа неделно, пијат повеќе алкохол и имаат голема веројатност дека ќе достигнат ризично ниво на конзумирaње алкохол. Ова се наодите од најголемото истражување што досега е направено, а се однесува на работните навики и алкохолот.
Истражувaњето е направено на финскиот Институт за медицина на трудот во Хелсинки. Во истражувањето е напрaвена анализа на 61 истражување од 14 земји, меѓу кои САД, Велика Британија, Австралија и Германија. Наодите покажале дека луѓето што имаат повеќе работни часови неделно, имаат за 11% поголеми шанси да станат големи конзументи на алкохол, од луѓето што имаат стандардно работно време од 40 часа неделно.
Исто така, направено е и истражување за тоа каква е веројатноста луѓето што почнуваат да работат подолго да стекнат „опасни алкохолни навики“. Со анализата е опфатена иста група на луѓе која е следена подолг временски период. Се покажало дека кај луѓето што работат од 49 до 54 часа неделно, веројатноста да достигнат ризично ниво на конзумирање алкохол е за 13% поголема. Како ризично ниво се сметаат 14 пијачки неделно за жени и 21 пијачка неделно за мажи.
Со анализата се опфатени податоци од преку 330.000 луѓе и наодите покажале дека подолгата работна недела е поврзана со зголемено конзумирање алкохол – независно од полот, географскиот регион или социо-економските групи.
Ова истражување дава силна поддршка на Директивата од Европската Унија за работно време, со која на работниците од Европа им се гарантира правото да не работат повеќе 48 часа неделно. Сепак, многу вработени работат повеќе од 50 часа неделно со цел побрзо да добијат унапредување или со прекувремената работа да обезбедат поголема заработувачка.
„За да се справат со продолженото работно време, некои луѓе посегнуваат по нездрави работи, како што е алкохолот. Најчесто се обидуваат да ги ублажат симптомите на стрес, депресија и нарушувања во спиењето“, велат истражувачите.