Според една анкета спроведена од Универзитетот Ла Тробе во Мелбурн, Австралија, Јапонија има над 50.000 луѓе постари од 100 години. Во што се состои тајната на долговечноста на жителите на „земјата на изгрејсонцето“?
Три главни компоненти се карактеристични за јапонската култура, а тоа се исхраната, емоционалното здравје и физичката активност.
1. Исхраната на Јапонците
Типичниот Јапонец конзумира просечно 25% помалку калории во споредба со луѓето од западните општества. Ова е интересен факт, со оглед на тоа дека едно истражување направено од Медицинскиот колеџ на Универзитетот во Флорида покажало дека намалувањето на внесот на калории кај стаорци за само 8% доведува до зголемување на нивниот животен век и помага за подобра функција на нивниот црн дроб и севкувкупното здравје. Еве неколку од најчестите видови храна и пијалоци што ги конзумираат Јапонците:
- Риба
Иако Јапонците сочинуваат само 2% од светската популација, тие конзумираат 10% од севкупната потрошувачка на риба во светот. Конзумирањето на риба го намалува ризикот од смрт како последица на кардиоваскуларни заболувања за неверојатни 36%. Исхраната богата со масни риби го подобрува расположението и спречува одредени видови на воспаленија и рак.
- Морски алги
Според извештаите од ОН, жителите на Јапонија конзумираат околу 100.000 тони морски алги годишно. Што е уште поинересно, во својата кујна тие имаат повеќе од 20 различни видови на алги. Жителите на островот Окинава во југозападниот дел од земјата конзумираат повеќе морски алги од другите делови во земјата, а на овој остров има најголем број на стогодишници од било кој друг дел од во светот.
Во една шолја морски алги има од 6 до 9 грама протеини, а некои видови содржат поголемо количество на калиум и од бананите. Бидејќи морските агли содржат и јод, тие се исто така корисни и за регулирање на работата на штитната жлезда. Покрај тоа, истражувачите од Харвард веруваат дека способноста на морските алги да го контролираат нивото на естрогенот го објаснува ниското ниво на појава на рак на дојка кај островјаните.
- Чај
Пиењето чај е составен дел од животниот стил на Јапонците. Јапонците обично се среќаваат и пијат чај во еден вид приземни колиби, а идејата на овој концепт е да се сретнат на различни места за да ги оттргнат мислите од секојдневните грижи. Јапонија се наоѓа во првите десет земји по конзумација на чај. Најмногу се конзумира зелен чај. Различни студии досега покажале дека зелениот чај го намалува ризикот од рак и срцеви заболувања и ги подобрува когнитивните функции. Покрај тоа, една студија покажала дека луѓето што пијат по пет шолји чај дневно имаат за 26% помала стапка на смртност.
- Храна од растително потекло
Покрај морските алги, постарата популација на Окинава конзумира храна главно од растително потекло во тек на целиот живот. Всушност, жителите јадат шест пати повеќе ориз и во секоја оброк има над четири видови зеленчук, во споредба со земјите од западниот свет. Најчесто оброците содржат сладок компир, лесно пржен зеленчук и тофу кои имаат ниска калориска, но голема нутритивна вредност. Од друга страна, свинското месо исклучително ретко се конзумира, освен во специјални пригоди и тоа секогаш во мали количини.
- Билни градини
Куркумата, ѓумбирот и дивиот пелин се основните билки во секоја градина на Окинава, Јапонија и тоа со добра причина. Докажано е дека овие билки се извонредни во заштитата од различни заболувања.
2. Емоционална благосостојба
Умот, телото и емоциите се взаемно поврзани и Јапонците тоа добро го разбираат. За да имаат балансиран, здрав и долг живот, тие имаат одредени традиционални верувања и филозофии кои за нив се свети. Меѓу нив спаѓаат:
- Пронајдете цел во животот
Многу од луѓето кои живеат на Окинава се придржуваат кон една филозофија која ја нарекуваат „икигаи“, што значи живот кој има смисол и вреди да се живее. Еден од најважните делови на икигаи е грижата за друго лице или друго живо битие, на пример милениче. Се верува дека со грижата за некој друг, вие всушност ќе го намалите стресот кој произлегува од фокусираноста на сопствените проблеми.
- Пејте за својата мака
Верувале или не караокето е популарно во Јапонија исто како и во останатиот дел од светот. Караоке индустријата во Јапонија се проценува на 10 милијарди долари годишно. Всушност, најголемиот караоке ланец „Big Echo“ има околу 229 локации низ целата земја. Според едно истражување со кое биле опфатени скоро 20.000 мажи, направено од Универзитетот во Осака, пеењето и дружбата со пријателите може да го подобри кардиоваскуларното здравје. Пеењето вклучува длабоко дишење што е добро за нервниот систем. Покрај тоа, аплаузот што се добива после пеењето е дополнителен бонус, како знак на социјална поддршка и помага во стресните ситуации.
- Почитувајте ги старите лица
Јапонците веруваат во „моаи“ што значи пријателите се извор на емоционално охрабрување за време на тешките периоди. Според тоа, тие веруваат дека кога старите лица вистински се ценат и почитуваат тие живеат подолго.
- Немојте да живеете со проблемите од минатото
Јапонците научиле да ги остават сеќавањата на тешките години од минатото таму каде што припаѓаат – во минатото. Наместо тоа, тие одбрале да живеат во сегашноста и да уживаат во едноставните задоволства што ги нуди денот. Покрај тоа, Јапонците се пријатни личности и се дружат со помлади лица дури и во своите повозрасни години.
- Смејте се
Истражувањата го поддржуваат верувањето дека радосната насмевка го намалува нивото на шеќер во крвта, ја подобрува циркулацијата и имунитетот. Покрај тоа, многу луѓе кои доживеале сто години велат дека смеењето им помогнало да останат млади.
3. Физичка активност
Познато е дека физичката активност е исклучително важна за одржување на добро здравје и долг живот. Еве како Јапонците ја одржуваат добрата форма.
Жителите на Окинава активно се бават со градинарство и многу пешачат. Во нивните домови има многу малку мебел. Тие јадат седнати на простирки на подот, а бидејќи клекнуваат и стануваат барем дванаесет пати или повеќе, дневно, на тој начин одржуваат добрата рамнотежа и го зајакнуваат долниот дел од телото. Тоа им помага да се заштитат од опасни падови во подоцнежните години од животот.
Покрај тоа, времето што го поминуваат на отворено им помага дури и на постарите лица да имаат високо ниво на витамин Д во текот на целата година. Кога витаминот Д редовно се продуцира во телото како резултат на изложеност на сонце, тоа овозможува добро здравје и цврсти коски.
Како што гледате има неколку добри совети кои може да ги прифатиме од Јапонците што ќе ни помогне да имаме подолг, посреќен и попродуктивен живот.
Бидете среќни и во добро здравје уште многу, многу години!