Едно неодамнешно истражување ни открива дека научниците всушност откриле како ѕвездите еволуираат, односно прераснуваат во црвени џинови уште во 1935 година – две децении пред таа хипотеза официјално да биде објавена од страна на истакнатиот астроном Алан Сендиџ.
Она што е најинтересно за ова истражување е тоа што било предводено од самиот Сендиџ, кој почина во 2010 година, но последните години од својот живот ги посвети за да докаже дека едно од неговите најголеми откритија всушност не е негово.
Уште од раните 1900-ти години научниците биле фасцинирани од обидот да ги категоризираат ѕвездите на небото, врз основа на нивната светлина и боја, и да дознаат што овие карактеристики откриваат за нив. Тие откриле дека ѕвездите може да се категоризираат по долж на „главната низа на ѕвезди“ и многу посветлите црвени џиновски ѕвезди, како што може да видите на сликата подолу. Но, тогаш тие не можеле да откријат како овие две низи се поврзани и што сето тоа значи.
Во 1950-тите години, Сендиџ покажал дека постои категорија на ѕвезди, која се нарекува субџиновски ѕвезди и која служи како врска помеѓу главната низа на ѕвезди и црвените џиновски ѕвезди. Покрај тоа, тој демонстрирал дека ѕвездите поминуваат низ овие категории, како што еволуираат.
Неговото истражување ја формирало основата на модерната теорија за еволуција на ѕвездите – ѕвездите се формираат од облаци од гас и прашина и во текот на милиони години стануваат ѕвезди од главната низа на ѕвезди. Потоа се прошируваат и поминуваат низ фазата на субџиновски ѕвезди, пред конечно да станат црвени џинови.
Нашето Сонце во моментов се наоѓа на половина пат од фазата на главната низа, а сето тоа го знаеме благодарение на истражувањето на Сендиџ објавено во 1957 година. Или барем така мислевме.
Во раните 2000-ти години, кога Сендиџ бил во своите седумдесети години и работел за Институтот за науки Карнеги, за да ја состави историјата на работата на институтот, односно на опсерваториите на институтот, тој пронашол писма од 1944 година од двајца истакнати астрономи – Џорџ Гамов и Волтер Адамс. Во писмата астрономите зборувале за субџиновската фаза – повеќе од 10 години пред тој да го објави своето истражување. Поточно, тие зборувале за огромен каталог на повеќе од 4000 ѕвезди кои тие ги детектирале помеѓу 1914 и 1935 година во опсерваторијата на планината Вилсон во Лос Анџелес.
Но, тогаш, астрономската заедница ја игнонирала нивната работа, тврдејќи дека е пристрасна, па затоа никогаш не била објавена, ниту пак соодветно разгледана.
Така, Сендиџ, кој веќе бил со дијагностициран рак на панкреасот, решил да дознае дали всушност ги земал заслугите за работа која некој друг претходно ја направил, па ги објавил тие писма и заедно со Стивен Мајевски од Универзитетот во Вирџинија и Рејчел Битон од Универзитетот Карнеги со децении ги споредувале и анализирале податоците од 1935 година за да ја откријат вистината. Кога Сендиџ починал во 2010 година, тие ја продолжиле неговата работа и сега конечно ги објавиле резултатите во „Publications of the Astronomical Society of the Pacific.“
Тие покажале дека Гамов и Адам биле во право, дека нивните откритија се точни и дека му претходат на откритието на Сендиџ за повеќе од 20 години.
И покрај тоа што Мајевски и Битон работеле повеќе од пет години без Сендиџ, тие сепак го навеле како главен автор на истражувањето поради тоа што тој бил вистински основоположник и лидер на проектот, но и поради својот ентузијазам да ја поправи грешката од 1935 година кога ова истражување не било признаено, што само ја докажува неговата посветеност на вистината и точност на науката.
Иако ова откритие не го менува она што досега го знаеме за еволуцијата на ѕвездите, го открива вистинското време кога всушност било направено. И фактот што Сендиџ ги поминал последните години од својот живот за да отфрли едно од своите најголеми откритија, го прави апсолутен херој на науката. Поради тоа, неговото наследство треба да живее уште подолго!