Мозокот ја менува големината во текот на денот

Човечкиот мозок е голем и има способност да смисли иновативни решенија за најкомплексните проблеми. Неизбежно, сепак, со текот на годините во мозокот доаѓа до промени на ниво на молекули и морфологија, но овие промени може да се случат и на дневна основа. Според една неодамнешна студија објавена во списанието „Neuroimage“, мозокот се намалува во текот на денот – наутро е поголем, а во текот на денот се намалува. Но, зошто?

Слично на телесното созревање, мозочно ткиво е подложно на промени во текот на животот. Магнетната резонанца им овозможи на научниците од Универзитетот Стенфорд да ги забележат промените на мозочното ткиво. Ова им помага на лекарите да дешифрираат што е нормално на различна возраст и служи како компаративна анализа, односно показател за тоа дали белата мозочна маса е надвор од границите на нормалата на стандардната крива. Белата маса е мозочно ткиво кое содржи нервни влакна кои играат улога во брзината на нервните сигнали.

Нервните снопови во мозокот имаат тенденција да се зголемуваат во обем до 40-тата година, а потоа полека да почнуваат да се намалуваат. До крајот на нашите животи, обемот на ткивото е како на 7-годишно дете.

Кунио Накамура и неговите колеги од Невролошкиот институт Монтреал ги набљудувале овие флуктуации на волуменот на мозокот на дневна база, за да видат кога мозокот е најголем, а кога најмал. Тие анализирале повеќе од 3.000 МР скенови од мултиплекс склероза и повеќе од 6.000 пациенти со Алцхајмер во текот на денот. Ефектот на времето врз мозочната паренхимна фракција (МПФ) е споредуван меѓу двете групи.

Во студијата, големината на мозокот се дефинира како МПФ, дел од интракранијалниот волумен кој е исполнет со мозочно ткиво. МПФ е степенот до кој мозокот го полни черепот. Промената на процентот во МПФ била моделирана со линеарниот мешан ефект (LME), кој бил применет одделно на база на податоците за мултиплекс склероза и Алцхајмер.

Пронајдено е дека МПФ промените биле различни за пациентите со МС и Алцхајмерова болест. МПФ опаднало за 0,18% во текот на денот за групата со МС и за 0,44% во групата со Алцхајмерова болест. Ова е приближно ист степен на намалување кое се јавува во период од една година кај пациентите со Алцхајмер.

И повторно се навраќаме на прашањето: Зошто мозокот се намалува во текот на денот?

Накамура и неговите колеги веруваат дека тоа е поврзано со течностите. „Мозокот, налик сунѓер, станува се’ поголем кога e хидриран. Легнувањето во текот на ноќта е поврзано со редистрибуција на телесните течности, кои се акумулираат во долните екстремитети во текот на денот”, велат авторите на студијата.

Студијата има неколку ограничувања кога станува збор за влијанието на времето од денот и големината на мозокот. На пример, МР скеновите не се случајно одбрани. Исто така, се јавува поголема разлика кај здравите и заболените субјекти. Времето во денот кога истражувачите ги спроведувале експериментите би можело да има влијание врз резултатите.

Сепак, промените во големината на мозокот не се забележливи само на дневна основа. Тие исто така може да се видат за време на менструалниот циклус кај жената. Студија објавена во списанието „PLoS ONE“ најде краткорочни промени на мозокот за време на менструацијата, поточно во периодот на овулација.

Исто така, постојат неколку и генетски и средински фактори кои можат да влијаат на големината на нашиот мозок.

Поддржете ја нашата работа: