Јагленот, како едно од основите фосилни горива, ќе продолжи и понатаму да биде главен извор на енергија. Светските предвидувања се дека неговата побарувачка ќе се зголеми за 20% до 2035 година и покрај тековниот тренд за обновливите извори на енергија.
Во Република Македонија наоѓалиштата на јаглен се комплицирани и тешки за експлоатација, а примената на високопродуктивна механизација е на границата на рентабилитет, а не ретко е условена и од разни ограничувања. Поради тоа мора да се бараат такви технолошки решенија кои ќе дадат поголемо искористување на расположливите резерви на јаглен. Меѓутоа, јагленот е еден од примарните загадувачи на животната средина и неговата употреба предизвикува зголемување на концентрацијата на CO2 во атмосферата.
Поради тоа нашите енергетски и економски интереси налагаат истражувања на научна основа на можноста за воведување на технологија на чист јаглен т.е. технологија на подземна гасификација на јаглен во наоѓалишта кои не овозможуваат пристап на класичните методи, како и поголемо искористување на расположливите резерви на јаглен. Со подземната гасификација на јаглен имаме производство на чиста енергија со нула емисија на CO2 во Македонија.
Проектот „Неконвенционални методи на експлоатација на јаглени во Р. Македонија“, кој е финансиран од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е започнат кон крајот на 2013 година и се очекува да заврши во 2016 година. Главен истражувач на научниот проект е проф. д-р Зоран Панов, а останатите членови се доц. д-р Ристо Поповски и асс. м-р Радмила Каранакова-Стефановска.
Овој научноистражувачки проект може да помогне во воведувањето на нови еколошки технологии за експлоатација на јаглен, кои не може да се експлоатираат со традиционалните технологии.
Преку реализирањето на целите на научниот проект, начинот на развој и примена ќе придонесе за рационално откопување на јагленот, поголема безбедност при работа, подобри услови на работното место и решавање на еколошките проблеми во однос на јаглените гасови.
Република Македонија е потписник на Договорот за eнергетска заедница, со кој посебен акцент се става на грижата за заштита на животната средина преку воведување на нови современи технологии за експлоатација на јаглени со минимални емисии на штетни гасови.
Резултатите од проектот ќе најдат практична примена при експлоатацијата на јаглени во Македонија. Научниот пристап дефиниран во проектот ќе даде можност од апликативност на ниво на постојните, но и идните рудници за експлоатација на јаглен во Македонија и пошироката околина.
Методологијата е применлива како од научен така и од инженерски и пред сѐ од комерцијален карактер, имајќи ги предвид пред сѐ големите економски и еколошки предности на оваа нова технологија.
Текстот е добиен во соработка на enauka.mk со универзитетот Гоце Делчев и нивниот интернет портал life.ugd.edu.mk за заедничка промоција на македонската наука.