Стапката на спектарот на аутистични нарушувања значително се зголеми од 1980-тите години, а многу луѓе се’ уште не го разбираат оваа нарушување. И дијагнозата оттогаш се промени, а несигурноста се зголеми. Тоа можеби се должи на тоа што поимот аутизам се користи за сите типови на вакво нарушување кое се карактеризира со потешкотии во социјалната интеракција, вербалната и невербалната комуникација, како и повторливо однесување.
Додека Центарот за контрола на болести идентификува 3 главни типа на аутистичен спектар, последната ревизија на Дијагностичкиот и статистичкиот прирачник за ментални нарушувања создава една дијагноза за спектарот на аутистични нарушувања, која ги опфаќа аутизамот, Аспергеровиот синдром, дезинтегративните растројства во детството и первазивното нарушување на развојот. Ова овозможува сеопфатна рамка за спектарот на аутистични нарушувања според која докторите може да ги дијагностицираат децата во однос на сериозноста на нивното однесување и социјални и комуникациски симптоми.
Па како може да се разликуваат овие состојби?
Аспергеровиот синдром, дезинтегративните растројства во детството и первазивното нарушување на развојот на некој начин претставуваат не толку сериозни форми на аутизмот.
Комуникација
Клучниот симптом на сериозно аутистично нарушување е недостигот на комуникација. Задоцнетите вештини за комуникација, или непостоење на истите, може да настанат кај тешките случаи – 40% од лицата на кои им е дијагностициран аутизам воопшто не зборуваат. А оние кои зборуваат имаат одредени потешкотии, вклучувајќи повторлив говор и потешкотии при започнувањето и одржувањето на еден разговор.
Покрај тоа, лицата со аутизам потешко ја разбираат перспективата на останатите лица вклучени во разговорот. На пример, кога некој е саркастичен или едноставно се шегува, тие може да ги протолкуваат зборовите според нивното буквално значење, наместо она што соговорникот сака да го имплицира. Децата со аутизам понекогаш користат и други методи за да комуницираат наместо говорот, како на пример гестови со рацете, зјапање, посегнување по одредени работи и слично.
Лицата со Аспергеров синдром ги немаат овие задоцнети комуникациски вештини. Додека децата со аутизам се гледаат како далечни и незаинтересирани за останатите, децата со Аспергеров синдром често се сосема спротивни. Сакаат да комуницираат и да се вклопат со другите, но не знаат како. Тие имаат комуникациски вештини, но ги користат зборовите на различен начин поради што може да изгледаат чудно.
Лицата со класичен аутизам се оние кои се повеќе фокусирани на сопствениот свет, несвесни за тоа што се случува околу нив.
Дезинтегративните растројства во детството се ретки, но потешки за дијагностицирање бидејќи најчесто започнуваат подоцна. Најчесто после 3 години нормален развој се јавува уназадување или целосно губење на комуникациските и социјалните вештини.
Первазивното нарушување на развојот се дијагностицира кај лицата со тешки и первазивни нарушувања во развојот на реципрочната социјална интеракција или вештините за вербална и невербална комуникација, или кога се присутни стереотипни однесувања, интереси и активности кои не ги исполнуваат условите за друг одреден вид на первазивно нарушување. Често се нарекува атипичен аутизам, поради подоцната возраст на која се појавува или атипичните симптоми. Иако се смета за поблага форма на класичниот аутизам, тоа секогааш не е точно. Додека некои симптоми може да се поблаги, други може да се и многу посериозни од аутизмот.
Когнитивна способност
Уште една голема разлика помеѓу благата и тешката форма на аутистичниот спектар се однесува на когнитивната способност. Лицата со аутизам понекогаш може да имаат сериозна интелектуална попреченост, која се манифестира со под-просечна интелигенција. Но, аутистичниот спектар се случува на сите интелектуални нивоа, иако некогаш когнитивните способности може нееднакво да се развијат, па така на пример едно дете со благ аутистичен спектар да е многу вешто во математика, но да има слаби способности за апстрактно размислување.
Сумирано, сите лица со аутистичен спектар покажуваат одредени карактеристики вклучувајќи разлики во комуникацијата и социјалното функционирање, како и невообичаено однесување, но овие работи се помалку застапени кај лицата со поблага форма.