НАСА влезе во фаза на практични поединости за тоа како да изгради орбитер кој ќе ги поддржи човечките мисии на Марс. Агенцијата склучила договори со пет инжeнерски компании – „Боинг“, „Локхид Мартин“, „Нортроп Груман“, „Орбитал ATK“ и „Вселенски системи/Лорал“ – кои треба да покажат каков вид на вселенско летало може да направи секоја од овие компании за потенцијалните човечки мисии на Марс во 2020 година.
Сегашните орбитални истражувачи на Марс пренесуваат 95 проценти од податоците на роверите што се наоѓаат на црвената планета. Другите 5 проценти се испраќаат директно од роверите, но за тоа е потребно подолго време и може да се одвива само во одредени периоди.
“Новата генерација на орбитери треба да има подобра пропулзија, подобра капацитет за снимање и подобри комуникациски системи, за да може да ги поддржи човечките мисии“- истакнува Ричард Зурек од Лабораторијата за ракетен погон во Пасадена, Калифорнија.
Изградба на орбитер на соларно-електричен погон ќе биде клучно за постигнување на овие цели, додава Зурек. Соларно-електричниот погон што веќе се користи за сателитите што орбитираат околу Земјата, функцинира преку собирање на сончевата енергија за забрзување на јоните и движење на леталото.
Ваквите сателити би можеле да летаат блиску до површината на Марс и да прават слики со висока резолуција од терените што се погодни за слетување и да носи нови системи за комуникација за соработка со екипите на Земјата.
Оптичките комуникациски системи би можеле да користат ласери за испраќање на податоци со висок квалитет назад до контролата на Земјата. Но, леталото би требало да може само многу прецизно да ги усмери ласерите до приемниците на Земјата.
НАСА, исто така би сакала орбитерот да може да се врати на Земјата со примероци од Марс, вели Зурак. Според ова сценарио, роверот предвиден за лансирањето во 2020 година би испратил капсула со примероци од површината на Марс, која новиот орбитер би ја „зграпчил“ и би ја донел дома.