Невролозите веќе долго време се обидуваат да го поделат мозокот на помали делови за подобро да разберат како тој функционира како целина. Една од најдобрите мапи на мозокот го дели неговиот надворешен слој – церебралниот кортекс на 52 области, врз основа на распоредот на клетките во ткивото. Постојат и мапи направени со помош на магнетна резонанца кои го мерат протокот на крв како резултат на различни ментални задачи, но повеќето такви мапи се засноваат само на еден тип на мерење што може да доведе до нецелосен или погрешен поглед на работата на мозокот.
Сега невролозите направија нова мапа на церебралниот кортекс, која детално ги дели наборите на двете хемисфери во 180 посебни области, од кои 97 никогаш претходно не се опишани, и покрај тоа што покажуваат јасни разлики во структурата, функцијата и поврзаноста со останатите соседни делови.
Оваа мапа се заснова на повеќе мерења со магнетна резонанца и секоја област на мапата содржи клетки со слична структура, функција и поврзување. Но, овие области се разликуваат една од друга, исто како што земјите имаат добро дефинирани граници и уникатни култури, вели Дејвид Ван Есен, невролог од Медицинскиот факултет во Сент Луис, Мисури.
За да ја создадат мапата, научниците користеле снимки од 210 здрави млади лица кои учествувале во проектот „Human Connectome“ – иницијатива за мапирање на структурните и функционалните врски во мозокот, финансирана од владата на САД. Податоците вклучувале мерки на кортикалната дебелина, функцијата на мозокот, поврзаноста помеѓу регионите, топографската организираност на клетките во мозочното ткиво и нивото на миелин- супстанца која ги забрзува нервните сигнали.
Научниците барале области во церебралниот кортекс кај кои имало значителни разлики во две или повеќе својства, кои ги користеле за да ги разграничат границите на мапата. Така со помош на оваа техника тие потврдиле 83 веќе познати мозочни области и идентификувале 97 нови. Потоа ја тестирале својата мапа на тој начин што ги барале овие области во мозокот на други 210 лица и потврдиле дека мапата е точна, но големината на областите варира од личност до личност. Овие разлики може да овозможат нов увид во индивидуалната варијабилност на когнитивните способности и ризикот за болести.
Новата мапа на мозокот е објавена во „Nature“.