Во јануари, астрономот Мајк Браун објави дека тој и неговите колеги откриле докази за постоење на голема ледена планета на крајот на Сончевиот систем, веднаш после Плутон, на оддалеченост од 149 милијарди километри од Сонцето.
Иако планетата досега не е забележана од ниеден телескоп, проценките на Браун се дека хипотетичката „Планета Девет“ орбитира околу Сонцето секои 10.000 до 20.000 години, дека е четири пати поголема од Земјата и дека има 10 пати поголема маса од Земјата.
Применувајќи го моделот за формирање на Сончевиот систем, заедно со расположливите податоци за оваа планета, астрономите од Универзитетот во Берн, Швајцарија, формулирале слика за тоа колку голема, светла и топла всушност би била оваа планета. Според доказите, планетата би требало да биде нешто како „мини Уран“, со цврсто јадро од железо, опкружено со мраз и густ слој од гас.
Врз основа на фактот дека најцврстите докази за постоењето на Планетата Девет е необичното однесување на некои објекти во Кајперовиот појас, што укажува дека гравитациската сила од некој масивен објект влијае на нив, астрономите се согласуваат со претходните проценки дека планетата е со маса 10 пати поголема од Земјата.
Како што пишува „Discovery News“, според пресметките на астронаутите, Планета Девет има 3,7 пати поголем радиус од Земјата, со температура од -226 степени Целзиусови во горната атмосфера. До овие бројки тие дошле земајќи го во обѕир претпоставеното орбитирање на планетата околу Сонцето и староста на Сончевиот систем. Овој хипотетичкиот свет би се формирал од протопланетарниот диск од нашето Сонце кој почнал да се кондензира во планети пред околу 4,6 милијарди години.
Интересно е што овој модел покажува дека на таа оддалеченост од Сонцето, Планета Девет би требало да биде многу поладна, доколку Сонцето е единствен извор на топлина. Како што објаснува „Discovery News“, кога се формираат планетите, огромното количество енергија генерирана во нивните јадра може да ги одржи жешки милијарди години и таа температура може да придонесува за севкупната температура на планетата.
Значи, за да ја одржи температурата од -226 степени Целзиусови, на оддалеченост од 149 милијарди километри од Сонцето, астрономите сугерираат дека внатрешната енергија на Планета Девет е околу 1.000 пати поголема од апсорбираната. Тоа значи дека рефлектираната сончева светлина би била минорна во однос на внатрешната топлина што ја генерира планетата, така што нејзиното инфрацрвено зрачење е далеку помоќно од рефлектираната сончева светлина во видливиот спектар.
Од сите зрачења што би можеле да се детектираат околу Планета Девет, сончевата светлина сочинува само мал дел од тоа и – ако постои, планетата би била многу посветла во инфрацрвениот, отколку во видливиот спектар.
Проценките на астрономите за тоа од што се состои планетата се прикажани на графиката.
Зошто досега планетата не е откриена? Според астрономите, малку е веројатно дека набљудувачките вселенски мисии што биле спроведувани во минатото би забележиле нешто во Сончевиот систем што е со маса еднаква на 20 земјини маси или помала, особено кога планетата била блиску до точката кога е најоддалечена од Сонцето.
Но, се верува дека идните телескопи, како што е „LSST“ (Large Synoptic Survey Telescope), што моментално се гради во Чиле, ќе бидат доволно моќни за да забележат помали објекти, или дека со пофокусирани набљудувања ќе се обезбедат доволно докази дека таму навистина има нешто.
Истражувањето е објавено во „Astronomy & Astrophysics“.