Човечкиот род се бори со ракот барем 1,7 милиони години, ако се суди според фосилите остатоци од коските на нозете што неодамна биле откопани во Јужна Африка.
Примерокот покажува знаци на остеосаркома – агресивен тип на тумор и укажува дека некои видови на рак не се поврзани со модерниот начин на живот.
„Претпоставките на современата медицина се дека ракот и туморите се болести кои се поврзани со модерниот начин на живот и животната средина. Нашите истражувања покажуваат дека овие болести се јавувале и кај нашите древни роднини, милиони години пред постоењето на модерните општества“- вели Едвард Одес, еден од истражувачите од Универзитетот во Витватерсранд во Јужна Африка.
Истражувачите велат дека сѐ уште не знаат дали коската е од возрасен човек или од дете и дали ракот бил причина за смрт, но сугерираат дека оваа состојба би влијаела на способноста на лицето да се движи и веројатно била причина за силни болки.
Во документот што беше напишан од неколку експерти од истата област се нагласува дека во истите ископини е откриен тумор на коска кој е дури и постар – стар речиси 1,98 милиони години, но дека се работи за бениген тумор. Досега, најстариот откриен бениген тумор на коска потекнува од пред 120.000 години.
Она што е интересно за овој бениген, но абнормален израсток (идентификуван како остеоид остеома) е дека тој е откриен на пршлените кај еден 12-13-годишник. Досега нема фосилни докази за овој тип на болест кај деца, а во модерните времиња ретко се јавува на ’рбетот, што го прави ова откритие многу вредно.
Двете коски се ископани во пештерите на локалитетот познат како „Лулката на човештвото“ во Јужна Африка – Светко наслетство и богато наоѓалиште на фосили од најдалечната историја на човештвото.
Според пишувањето на „BBC“, идејата дека ракот претставува релативно нова болест кај човекот, главно потекнува од истражувањата што се вршени на египетските мумии кај кои не се откриени туморски формации. Па сепак, дури и ако ракот е стар колку и човештвото, без сомнение, некои делови од модерниот начин на живот (како што е пушењето), можат да го зголемат ризикот од појава на оваа болест.
Сега истражувачите ќе треба да напрват нова проценка за тоа кои видови на рак се последица на нездравиот начин на живот, а кои едноставно се последица на „лоша среќа“ во мутацијата на гените, тема што предизвика голема дебата во последниве години.
Сега барем знаеме дека и нашите древни предци страдале од некои од истите проблеми како и ние денеска и ако откриеме како тие почнале да се развиваат, ќе бидеме во подобра позиција да ги спречиме.
Наодите од истражувањето се објавени во „South African Journal of Science“.