Рудари од Сибир наводно откопале антички неидентификуван цицач во песочните области на градот Удачни во Јакутија, во далечниот североисточен дел на Русија.
Според „The Siberian Times“ рударите претпоставуваат дека ова суштество е некој нов вид на диносаурус, но истражувачите сугерираат дека може да се работи за мал лакомец – мало суштество слично на мечка, со силна вилица и големи кучешки заби, како што може да се забележи на сликата подолу.
Другата опција е дека може да се работи за куна – мало суштество од фамилијата на ласици.
Според тенкото тело, а голем череп (кои може да се искривиле после смртта и мумификацијата), најверојатно ова животно припаѓало на фамилијата на месојадни цицачи „ Mustelidae“, во која спаѓаат и видрите, јазовците, ласиците и лакомците, иако научниците нема да знаат со сигурност се додека не спроведат соодветна анализа.
Изгледот на ова суштество не е единственото фасцинантно нешто во оваа приказна. Местото каде што е пронајдено е исто така уникатно – во песочните предели кои датираат од Мезозоикот, пред околу 252 до 60 милиони години – време кога огромни влекачи, диносауруси, цицачи и нови видови на растенија се ширеле низ целата планета.
Но, се додека не се спроведат дополнителни анализи не можеме да знаеме ниту пак да заклучуваме ништо повеќе за ова откритие.