После 100 години – откриен редок вид на жаба во Индија

Во шумите во северо-источна Индија, после повеќе од 100 години откако е првпат (и единствен пат) забележана во дивината, повторно е откриен редок вид на жаба која живее на дрвјата. Оваа жаба има уникатни карактеристики поради кои сега е класифицирана како посебен род.

Жабата ја открил индискиот биолог Сатиабхама Сас Бију, кој открил 89 од 350-те ендемски видови на жаби во Индија.

Оваа жаба за прв пат била откриена во 1870 година во шумите на Дарџилинг, од страна на британскиот зоолог Томас Џердон, поради што првично го добила името „Jerdon’s tree frog“. Оттогаш, оваа жаба била рекласифицирана најмалку четири пати и благодарение на најновата ДНК идентификација, конечно официјално е именувана како „Frankixalus jerdonii“.

Научниците сметаат дека во текот на сите овие години, жабата живеела по дрвјата кои достигнуваат висини до 6 метри, поради што досега не била забележана.

Бију и неговиот тим опишуваат една од најинтересните карактеристики за оваа жаба – откако ќе ги положи своите јајца во дупките во дрвјата кои се исполнети со вода, и откако тие ќе се развијат во полноглавци, таа продолжува да положува неоплодени јајца со кои полноглавците се хранат, се додека не пораснат доволно за самите да си пронаоѓаат храна.

journal.pone.0145727.g002

Поради овој чуден механизам на преживување, кај оваа жаба еволуирале некои уникатни анатомски карактеристики – очите и се наоѓаат поблиску до врвот на главата, најверојатно за подобро да ги гледа јајцата кога паѓаат низ дупката; и има мазна уста, без никаква форма на заби, најверојатно за полесно да ги вшмукува јајцата.

journal.pone.0145727.g003

Сега откако повторно е откриена, научниците апелираат за нејзино заштитување поради можноста за повторно исчезнување како резултат на климатските промени и ризикот од губење на живеалиштето.

Истражувањето е објавено во „PLOS One“.

Поддржете ја нашата работа: