Одборот на супервизори на Сан Франциско едногласно донесе одлука со која ја забранува продажбата на полистиренска пена (стиропор). Оваа одлука е всушност продолжение на одлуката од 2007 година со која беа забранети кутии за пакување на храна за носење, направени од стиропор.
Оваа забрана треба да почне да важи од следната година и ќе претставува најголемото ограничување на стиропор во САД досега.
И покрај тоа што во некои места стиропорот може да се рециклира, поголемиот дел од него завршува загадувајќи ја средината и водата, при што и многу животни внесуваат мали искршени фрагменти.
Со оглед на тоа што е направен од нафта, стиропорот се распаѓа само во вода, а не во депониите, а може да биде и токсичен, особено ако се согорува со друго ѓубре. Многу малку производи од стиропор се рециклираат, бидејќи стиропорот би требало да биде чист за да се започне тој процес.
Како и се останато, така и оваа одлука има свои поддржувачи, но и критичари. Критичарите велат дека оваа забрана оди предалеку и дека само ќе создаде нови различни видови на ѓубре со кои ќе треба да се справиме, како и нови различни материјали за пакување чие производство ќе ја зголеми емисијата на јаглерод диоксид.