Шест научници кои поради своите откритија се сметале за луди

 

 

 

 

 

 

 

 

Вилијам Харви

Вилијам Харви бил англиски лекар во 17-тиот век, кој детално ја опишал циркулацијата во телото како затворен систем која се одвива со помош на срцето, но биле потребни години за тогашната научна заедница да го прифати тоа. Во 1628 година, тој го претставил делото „De Motu Cordis“, или „За движењето на срцето и крвта“. Во книгата се опишува структурата на срцето и артериите и за првпат се тврди дека крвта се пумпа од срцето, а не од црниот дроб како што се мислело дотогаш.

Сепак , како главен авторитет за мноштво прашања од областа на физиологијата, вклучувајќи ја и циркулацијата, во тоа време се сметал докторот и филозоф од вториот век Гален. Тој сметал дека крвта ја создава црниот дроб од храната, па потоа  ја испраќа преку левата страна на срцето и белите дробови. Иако повеќето од неговите дела биле неточни, луѓето сѐ уште цврсто се држеле до неговите убедувања дури и 1.500 години подоцна. Како резултат на тоа, наодите на Харви биле исмејувани и многу доктори од 17-тиот век истакнувале дека „попрво би грешеле со Гален, отколку да ја откриваат вистината со Харви“.

Во подоцнежните години, избегнуван од медицинскиот свет, Харви се повлекол и живеел осаменички живот.

Грегор Мендел

Грегор Мендел се смета за научник кој ги поставил темелите на модерната генетика. Бил  свештеник кој во слободно време вршел вкрстување на растенија од грашок. Но, во своето време тој не бил признат нити почитуван за своите експерименти. Наодите од експериментите во градината со грашок, што му помогнале да дојде до „рецесивно“ и „доминантно“ наследување кога се работи за гените, биле целосно прифатени дури после неговата смрт. Мендел починал во 1884 година, а дури после неколку децении, на  почетокот на 20-тиот век, неговите идеи станале признати како модерна генетика.

Игнац Семелвејс

Игнац Семелвејс бил унгарски лекар кој работел во Општата болница во Виена во 1840 година. Неговите задачи меѓу другото биле и инспекција, предавања и водење на евиденција. Во тоа време, болницата имала лоша репутација поради голема смртност на родилките како последица на постпородилна сепса, од која умирале 10 проценти од родилките. Во друга болница, во нивна близина, смртноста изнесувала само 4 проценти, па затоа Семелвејс поставил задача да одреди која е причината за ширењето на заразата.

Тој забележал дека студентите по медицина во Општата болница во Виена, веднаш после аутопсија на мртовци оделе во породилните сали. Иако не знаел ништо за микроорганизмите, претпоставил дека недостатокот на хигиена е причина за овие смртни случаи. Откако вовел задолжително миење на рацете за докторите и бабиците со раствор од хлорна вар, смртноста се намалила за еден до два проценти.

Иако било многу јасно за што се работи, ова не било добро прифарено во останатиот дел од Европа. Многу доктори биле навредени од тоа дека Семелвејс сметал дека докторите не се чисти и водени од своето его не прифаќале дека нечистотијата е причина за ширењето на болестите. Бидејќи Семелвејс никогаш не објавил никаков официјален извештај за важноста на хигиенета, бил потполно отфрлен од медицинскиот свет. Отфрлањето го одвело Семелвејс во алкохолизам, депресија и изолација. Тој напишал и неколку писма со критики, нагласувајќи дека докторите кои го отфрлиле неговиот труд се „неодговорни убијци“ и „игноранти“. Пред крајот на животот тој бил испратен во ментална институција и умрел сосема заборавен од колегите.

Децении подоцна Луј Пастер и Џозеф Листер со воведувањето на хигиенските процедури во медицината протврдуваат дека идеите на Семелвејс навистина спасуваат животи.

Вилијам Б. Кули

Во доцните 1800 –ти години, стандардниот третман за канцер подразбирал само хируршко отстранување на канцерското ткиво. Не постоела хемотерапија, зрачење, ниту лекови за рак. Но, хирургот Вилијам Кули, кој вршел истражувања за ракот во болницата за рак во Њујорк , наишол на необично откритие кое ќе го отвори патот за модерната имунотерапија- поттикнување на имунолошкиот систем за да ги нападне канцерските клетки.

Еден од пациентите на Кули почнал да се опоравува од ракот откако се заразил од бактеријата „Streptococcus pyogenes“ која предизвикува инфекција на грлото. Ова го навело Кули да размислува дека пост-оперативната инфекција всушност му помогнала на пациентот да го победи ракот со тоа што го мобилизирала имунолошки систем  да се бори против ракот. Во 1890 година тој експериментирал со т.н. токсин на Кули – мешавина од мртви бактерии, особено стрептококи, кој го вбризгувал кај пациентите заболени од рак, со цел да го поттикне нивниот имунолошки систем. Тој во серија извештаи опишал што се случува при ова, но поголемиот дел од научниците ја отфрлиле идејата нарекувјќи ја луда и опасна. Кули починал во 1936 година, неговиот труд бил потиснат од хемотерапијата и зрачењето и никој не помислил дека токсинот на Кули еден ден ќе доведе до раѓање на модерната имунотерапија.

Френсис Пејтон Роуз

Френсис Пејтон Роуз бил американски вирусолог кој е заслужен за откритието дека одредени вируси можат да пренесуваат некои видови рак. Уште во 1911 година тој забележал дека саркомата од заболено пиле може да се пренесе на здраво пиле преку вбризгување на безклеточен екстракт од саркомот. Неговите наоди биле во голема мера дискредитирани, а награда за неговата работа добил дури 50 години подоцна, кога во 1966 година ја добил Нобеловата награда за физиологија или медицина.

Првите истражувања на Роуз за преносливоста на саркомот преку вируси, покренаа сосема нов начин на проучување на ракот. Иако, сега се смета дека само околу 20 проценти од ракот кај човекот се пренесува преку вируси, сепак, сознанието дека вирусите можат на некој начин да го пренесат ракот од едно животно на друго и овозможи на науката модел со кој ќе се открие како нормалната клетка повторно се трансформира во канцерска.

Бари Маршал

Бари Маршал можеби не бил луд нучник , но секако применувал луди методи за да ги докаже своите идеи. Овој австралиски доктор примарно работел на тоа како „Helicobacter pylori“ го напаѓа стомакот и открил дека бактеријата е причинител на чир и рак на желудник.

Денес како стандардна терапија за чир на желудник се користат антибиотици за да се уништи оваа бактериска инфекција, но во 1980 година докторите верувале дека главна причина за чир на желудник е стресот. Кога Маршал почнал да тврди дека треба да се користат антибиотици како терапија за чир на желудник , бил отфрлен од колегите и не можел да ги врши натамошните експерименти со „H. Pylori“ на луѓе.

Тогаш, Маршал направил нешто навистина лудо. Тој зел „H. Pylori“ од стомакот на инфициран пациент, го помешал со супа и го испил. Откако се разболел, самиот направил биопсија на својот стомак, ја култивирал бактеријата и конечно докажал дека „H. Pylori“ навистина предивикува чир на желудник.

За ова откритие, Бари Маршаш и Робин Ворен ја добиле Нобеловата Награда за медицина во 2005 година.

Поддржете ја нашата работа: