Ах, љубов! Поетите пишуваат за неа, пејачите пеат за неа, а постои и цела индустрија околу тоа како да се најде, да се изрази и да се одржи. Сите сме биле вљубени некогаш во животот, но што претставува љубовта? Каде се раѓа, што ја поттикнува и што навистина се случува во нашиот ум и тело кага сме вљубени „до уши“?
Романтичната љубов – иако е тешко да се дефинира, вклучува развој на цврста емоционална поврзаност, сексуална привлечност и грижа. Вљубените доживуваат голем број интензивни чувства, мисли, емоционална зависност и зголемена енергија, иако овие чувства може да се ограничени на раните фази од врската.
Но, како и да е, романтичната љубов се чини дека е иста насекаде. Но, степенот до кој романтичната љубов се изразува или формира важен дел од сексуалните односи може многу да варира. На пример, помалку од 5 проценти од Американците изјавуваат дека би стапиле во брак без љубов, за разлика од 50 проценти од Пакистанците.
Активноста во мозокот
Голем дел од мозочните региони, особено оние кои се поврзани со наградувањето и мотивацијата, се активираат во присуство или помисла на романтичниот партнер – меѓу кои хипокампусот, хипоталамусот и предниот цингуларен кортекс. Активацијата на овие делови може да послужи да се ихибира дефанзивното однесување, да ја намали анксиозноста, како и да ја зголеми довербата кон романтичниот партнер.
Покрај тоа, регионите како што се амигдалата и фронталниот кортекс се деактивираат како одговор на романтичната љубов – процес кој може да функционира во насока да се намали веројатноста за појава на негативни мисли кон партнерот или негово осудување.
Степенот до кој се активира мозокот за време на раната фаза од романтичната врска се чини дека влијае и на нашата благосостојба и степенот до кој врската ќе биде успешна или неуспешна.
На пример, среќата, посветеноста кон партнерот и задоволството од врската, се поврзани со интензитетот на мозочната активност.
Хормонално влијание
Окситоцинот и вазопресинот се хормоните кои се најтесно поврзани со романтичната љубов. Тие се продуцираат во хипоталамусот, а се ослободуваат од хипофизата. Иако овие хормони влијаат и на мажите и на жените, жените се почувствителни на окситоцин, а мажите на вазопресин. Концентрацијата и на двата хормона се зголемува во текот на интензивната фаза од романтичната љубов. Окситоцинот и вазопресинот се во интеракција особено со допаминергичниот систем за награда и може да стимулира ослободување на допамин од хипоталамусот.
Допаминергичните патишта што се активираат за време на романтичната љубов создаваат чувство на задоволство. Овие патишта се исто така поврзани и со зависничкото однесување, што се манифестира со опсесивното однесување и емоционалната зависност, што често се забележува на почетокот на романтичната љубов.
Истражувачите често го истражувале влијанието на окситоцинот и вазопресинот кај животни како што се прериските и планинските хрчаци. Јасно е документирано дека прериските хрчаци (кои формираат моногамни заедници или се поврзуваат во парови) имаат многу поголема густина на рецепторите за окситоцин и вазопресин од промискуитетните планински хрчаци, особено во допаминскиот систем за наградување.
Покрај тоа, прериските хрчаци, станале промискуитетни кога им било блокирано ослободувањето на окситоцин и вазопресин. Заедно, овие наоди покажуваат на кој начин хормонската активност може да го олесни (или да го попречи) формирањето на блиска врска.
Љубов и загуба
Во потрага по „вистинскиот/та“, обично влегуваме во серија романтични врски, а загубата на романтичната врска се случува често или поради раскинување или поради губиток на партнерот. Иако со мака, повеќето луѓе успеваат да се изборат со загубата и да продолжат понатаму.
Мал број од луѓето што физички го изгубиле партнерот се соочуваат со комплицирана состојба на жалост, која се карактеризира со повторувачки болни емоции и преокупираност со починатиот партнер. Сите лица што го изгубиле партнерот поради смрт чувствуваат болка кога се среќаваат со работи (стимулации) кои се поврзани со нивната загуба (на пример фотографија или честитка). Се тврди дека за оние лица кои се соочуваат со комплицирана состојба на тага, овие стимулации исто така ги активираат центрите за награда во мозокот, создавајќи еден вид на желба или зависност што ја намалува нивната способност да се опорават од загубата.
Мајчинска љубов
Постојат бројни паралели помеѓу физиолошкиот одговор кај романтичната и мајчинската љубов. На пример, мозочните региони што се активираат кај мајчинската љубов се преклопуваат со тие што се активираат кај романтичната љубов. Поточно, регионите за наградување во мозокот што содржат висока концентрација на окситоцин и вазопресин се активираат, додека регионите што се деактивираат кај романтичната љубов – вклучувајќи ги и оние поврзани со предрасудите и негативните емоции, се деактивираат и кај мајчинската љубов.
Покрај тоа, зголемувањето и намалувањето на окситоцинот соодветно го промовира или го намалува мајчинското однесување. Разликите во одговорот помеѓу мајчинската и романтичната љубов се случуваат кога мајчинската љубов активира бројни региони (како на пример периакведукталната сива материја) што не се активираат при романтичната љубов, со што јасно се нагласува уникатната природа на мајчинската врска.
Работите како што се чувствата во првите фази од „вистинската љубов“ или љубовта на мајката кон своето чедо изгледаат како да не бараат напор, но реално, тие се многу покомплексни.
Хормоните и сложените физиолошките интеракции прават љубовта да биде едно од најубавите чуда на светот.
Статијата е објавена во „The Conversation“.