Стебло од дрво што плови вертикално 120 години

Кратерското езеро во Орегон е најдлабокото езеро во САД и е толку сино како некој намерно да го обоил.

Но, неговата големина и блескаво сината вода не се единствените одлики на ова езеро. Во езерото се наоѓа еден 9-метарски дрвен трупец, кој стои вертикално барем уште од 1896 година.

Стеблото, што го нарекуваат „Старецот од езерто“ (Old Man of the Lake) првпат е откриено во 1896 година, од геологот и истражувач Џозеф Дилер и оттогаш плови вертикално, издигајќи се 1,2 метри над површината на водата.

Покрај тоа, дрвото не стои секогаш на истото место. Во 1902 година, Дилер ја објавил првата научна студија за ова стебло и открил дека за време на првите пет години од откривањето, стеблото патувало цели 400 метри низ езерото.

Во текот на вториот експеримент што бил спроведен помеѓу 1-ви јули и 30-ти септември 1938 година, се покажало дека стеблото патувало уште повеќе. Како последица на силните ветрови и брановите, непотопливиот „старец“ пропатувал најмалку 99,9 километри за само три месеци.

Како што може да се види на сликата подолу, стеблото  што се издига над водата можеби е расцепено и избледено од сонцето, но доволно е цврсто да ја издржи тежината на човекот што стои на него.

old-man

Од каде потекнува ова мистериозно дрво?

Иако стеблото плови во Кратерското езеро во последните 120 години, истражувањата покажале дека е старо најмалку 450 години.

Кратерското езеро делумно пополнува една вдлабнатина што се формирала пред 7.700 години, кога вулканот на планината Мазама се урнал за време на катастрофалната ерупција.

Самото езеро е длабоко 592 метри и претставува најдлабокото езеро во САД, а деветто по длабочина во светот.

Она што е особено необично е тоа што езерото е релативно празно. Според Управата за Национални паркови на САД, езерото природно нема риби, а оние видови што сега постојат во езерото се резултат на порибувањето помеѓу 1888 и 1941 година.

Првично се внесени шест видови риби, но преживеале само два вида – калифорниската пастрмка и лосос.

Тоа што езерото е релативно празно, всушност му ја дава и оваа неверојатна боја. Како што објаснува веб-страната на Национални паркови: „Молекулите од водата, кои се само чиста вода без талог, алги,  пестициди или загадувачи, ги апсорбираат сите бои од спектарот, освен сината. Овие бранови должини се одбиваат назад,  што ја прави водата да изгледа сина. Клучно е водата да има релативно чиста вода во голема количина. Треба да има многу молекули што ќе ги апсорбираат сите други бои (езерото содржи околу 17 трилиони литри вода)“.

На длабочина од 120 метри во езерото, откриено е дака расте посебен вид на мов од видот фонтиналис, а единствено друго место во близина на површината на езерото каде може да се најде овој вид мов е на ова стебло („старецот“).

Ова укажува дека стеблото било во допир со подлабоките води во изминатите 120 години.

Но, како стеблото успеало  да се постави и да се задржи во вертикална положба толку дого време?

5006622711_544a0fdf09_b

Според основните закони на физиката за пловечки објекти со еднаква густина, долго стебло би пловело со својата централна оска поставена хоризонтално, додека кратко стебло би пловело вертикално.

Со оглед на должината од 9 метри и дијаметар од 61 сантиметар, ова стебло би требало да плови хоризонтално. Но, зошто плови вертикално никој досега нема уверлив одговор. Една од претпоставките е дека кога дрвото се лизнало во езерото пред повеќе од еден век, во неговите корења се заплеткале камења, кои како природни анкери веднаш го поставиле стеблото во вертикална положба.

Проблемот со оваа хипотеза е тоа што сега на стеблото нема прикачени камења, а не постојат ни дефинитивни докази дека некогаш имало, така што ова е многу тешко да се докаже.

Но има и тврдења дека потопениот крај од стеблото, со време станал потежок и погуст, додека издигнатиот дел постојано се сушел.

„Оваа очигледна рамнотежа му овозможила на стеблото да остане многу стабилно во водата“- објаснува Институтот Кратерско езеро.

Сепак, можеби вистината за „Старецот во езерото“ засекогаш ќе остане мистерија – како што вели екологот на Националниот Парк, Марк Буктеника за „CBS“.

Поддржете ја нашата работа: