Италијански неврохирург вели дека е возможно да се трансплантираат човечки глави од едно тело на друго, за да се продолжи животот на оние чии мускули и нерви се ослабнати, или чии органи се заболени од рак.
Серхио Канаверо вели дека неколку луѓе веќе доброволно се пријавиле за таа процедура, кој тој би можел да ја изведе во 2017 година, откако ќе ја тестира на донатори на органи со мозочна смрт. Тој детално ја опиша операцијата во „Surgical Neurology International“.
Најголемата техничка пречка за трансплантацијата на глава е, се разбира, повторното поврзување на ’рбетниот мозок, а тој верува дека таквата технологија постои и сега. Клучот за успехот е наглото одвојување на ’рбетниот мозок и употребата на современите средства за пополнување и лепење. Канаверо ја открил важноста на одвојувањето, односно сечењето додека ги разгледувал случаите на остри рани на ’рбетот кај оние пациенти кои спонтано се опоравиле од парализа. Конкретно, го посочил случајот од 1902 година, на 26-годишна жена чиј ’рбетен мозок бил пресечен од куршум со калибар 0,32. Хирурзите, иако со потешкотии, сепак успеале повторно да го спојат и по 16 месеци забележале делумно враќање на функцијата.
Канаверо вели дека острото одвојување на ’рбетниот мозок и кај донаторот и кај примачот е првата, од четирите постапки, за успешна трансплантација на глава. Останатите три вклучуваат:
- зачувување на 2 мм. од останатиот мозок за полесно да се поврзат
- забрзување на повторното поврзување со електрична стимулација на точката на фузија
- зацврстување на краевите на мозокот со современи лепила како на пр. полиетилен гликол, кои ќе ги запечатат повредените неврони и истовремено ќе ги соединат отсечените аксони со мали лузни.
Личноста која ќе прави трансплантација на главата ќе биде во индуцирана кома три до четири недели, за да им се даде време на деловите да се соединат и да се избегне движење на вратот. Исто така, ќе започнат со режим на имуносупресија за главата да не го отфрли телото.
Постапката би започнала со ладење на главата на пациентот и телото на донаторот за да се минимизира оштетувањето на клетките без кислород. Потоа хирурзите ќе го исечат ткивото околу вратот за да се открие точката на одвојување и да ги поврзат големите крвни садови од двете страни, со мали цевки. Потоа хирурзите мора да ја отстранат главата и кај пациентот и кај донаторот истовремено, а тоа ќе се случува во иста операциона сала. Потоа ќе имаат околу еден час за да ја поврзат главата со циркулаторниот систем на телото на донаторот, при што мора да се предизвика биење на срцето. Откако ќе се поврзе главата, ќе се рестартира срцето и ќе се поврзат останатите витални системи, вклучувајќи го и ’рбетниот мозок.
„Пациентот ќе може да го чувствува и мрда своето лице, да зборува со истиот глас и да оди по една година физиотерапија“, вели италијанскиот невролог.
Канаверо има намера да го објави проектот во јуни, на годишната конференција на Амариканската академија на невролошки и ортопедски хирурзи во Анаполис, Мериленд и би сакал да го спроведе експериментот во САД, меѓутоа не се знае дали ќе добие одобрение. Тој смета дека главната пречка би била етиката. Многу луѓе не би се согласиле бидејќи би сметале дека ваква операција воопшто не треба да се прави.
Еден од скептиците е и д-р Хари Голдсмит, кој направил една од ретките операции кои му овозможиле на пациент со повреда на ’рбетниот мозок повторно да може да оди. Тој смета дека ова нема да функционира, особено обидот да се чува некој здрав во кома четири недели, бидејќи има премногу проблеми при процедурата.
Канаверо охрабрува дебата на оваа тема и вели дека ако општеството не сака, нема да го направи тоа. Но тоа не значи дека ако луѓето во САД и Европа не сакаат, нема да се направи на некое друго место. Проценува дека трансплантацијата би чинела околу 13 милиони американски долари (околу 11 милиони евра).
Кој е вашиот став и размислување ? Слободно коментирајте да ги размениме ставовите и размислувањата.