Влијанието на медиумите врз употребата на одредени лекови

Анализата  врз основа на 191.000 луѓе со просечна возраст од 72 години, открива дека една недела по првичното емитување, 14.000 луѓе користеле статини помалку од очекуваното, додека осум месеци по емитувањето бројката изнесувала 60.897. Авторите се загрижени дека доколку пациентите продолжат со избегнувањето на статините во текот на следните пет години, последиците би биле фатални, односно потенцијално ќе се зголеми бројот на срцеви и мозочни напади.

Од друга страна, авторите во спомената емисија, одговорна за огромното негативно влијание се сомневаат во врската помеѓу холестеролот и срцевите заболувања и посочуваат дека корисноста на статини за спречување на кардиоваскуларни болести е преценета.

Статините се лекови препорачани на национално и на меѓународно ниво за спречување и контрола на ризикот од кардиоваскуларни заболувања, како што се срцеви напади и удари кај луѓето изложени на ризик од кардиоваскуларни болести. По емитувањето, здравствени експерти и презентер од телевизиската куќа, д-р Норман Свон, укажале на недостатоците на емисијата и погрешното интерпретирање на научните докази. Луѓето добиваат погрешен впечаток и ги избегнуваат лековите кои им се потребни.

По извршената внатрешна ревизија, телевизијата утврдила дека емисијата, односно епизодата за употребата на статини не ги задоволува критериумите за објективност и ја повлекла.

Меѓутоа, влијанието на програмата не е само непосредно, туку е долготрајно. Употребата на статини била значително пониска отколку што се очекувало цели 8 месеци по емитувањето,додека траело истражувањето. Се’ уште е нејасно долго ќе трае оваа промена.

Она што особено загрижува е фактот дека падот на употреба на статини е забележан кај луѓето кои се изложени на висок ризик од кардиоваскуларни болести – на пример, оние кои, исто така, земаат лекови за дијабетес.

Срцевите и мозочните удари се главните убијци на луѓето со дијабетес. Статините се препорачуваат за луѓе со висок ризик од кардиоваскуларни болести и нивната ефективност е докажана. Сепак, како и сите лекови, тие имаат ризици и придобивки  и треба да се користат според препораките на лекарите.

Овие наоди се одличен пример за моќта на медиумите и колку сериозни можат да бидат последиците доколку информациите не се избалансирани или пак се погрешно интерпретирани.

Ова е само еден изолиран пример, кој ја потресе Австралија, бидејќи има милиони луѓе кои мораат да земаат статини на дневна база. Но, проблемот со медиумите е далеку поголем. Нема потреба да се нагласува важноста на вистинитоста на какви било информации поврзани со лекови. Без оглед на тоа каде сте чуле нешто, без оглед на рејтингот и кредибилитетот на медиумот, никогаш не донесувајте одлуки за прекин на лекарствата без претходна консултација со вашиот лекар.

Поддржете ја нашата работа: