Зошто не можеме да се скокоткаме самите себе?

Речиси е невозможно да се насмеете доколку се скокоткате самите себе, а причината за тоа ни кажува изненадувачки нешта за мозокот и свеста.

Прашањето – зошто не можеме да се скокоткаме самите, кое отсекогаш било домен на детската љубопитност, сега ги засега и невролозите бидејќи води кон поголеми прашања за свеста и самосвеста. Затоа научниците преземаа мерки за да ги надминат бариерите на мозокот и спроведоа разни истражување.

Сара Џејн Блекмор од Универзитетскиот колеџ во Лондон, е една од првите кои го истражувале начинот на кој мозокот ги прави овие екстремно брзи одлуки при скокоткањето. Таа ги замолила испитаниците да се скокоткаат самите себе на дланките, а потоа и нејзините колеги ги скокоткале, а таа го скенирала нивниот мозок за време на тој процес.

Од резултатите, таа заклучила дека секогаш кога ги движиме екстремитетите, малиот мозок произведува прецизни предвидувања за движењата на телото и потоа испраќа сигнал кој ја намалува активноста на соматосензорниот кортекс каде што се обработуваат тактилните чувства.  Резултатот е тоа што кога се скокоткаме самите, немаме толку интензивен осет за тактилните чувства и од таа причина остануваме смирени, наместо да ја чувствуваме таа чудна мешавина на непријатност и задоволство кога некој друг не скокотка.

Меѓутоа, Сара Џејн Блекмур сметала дека мора да постои начин за да се измами тој процес и луѓето да можат да се скокоткаат самите себе. Затоа дизајнирала машина која им дозволувала на испитаниците да се скокоткаат со стапче преку парче пена на нивната дланка, понекогаш моментално, понекогаш со задоцнување од околу 200 милисекунди. Колку поголемо било задоцнувањето, толку повеќе пената ги скокоткала. Можеби затоа што предвидувањата на малиот мозок повеќе не се совпаѓале со она што поединецот навистина го чувствувал.

 

После овие истражувања, многу други се обиделе да го измамат мозокот, но ретко кој успеал бидејќи резултатите биле збунувачки. Не можете да се скокоткате себе си дури ни во сон. Научниците неодамна спровеле експеримент при што група на луцидни сонувачи (луѓе кои знаат дека сонуваат и можат да ги контролираат постапките во сонот) се обиделе да се скокоткаат самите и не успеале.

Интересно е тоа што луѓето со шизофренија можат да се скокоткаат самите и научниците сметаат дека тоа е така поради тоа што тие сметаат дека некој друг им го контролира телото.

Па, истражувањата продолжуваат бидејќи обидите да се прекине тој процес кај здравите луѓе би можел да помогне при откривањето на начинот на кој истиот не функционира кај ментално болните.

Роберт Провин од Универзитетот во Мериленд, Балтимор, смета дека само-скокоткањето може дури да ја подобри и вештачката интелигенција. Тој вели дека развивањето на алгоритам, сличен на невролошките дефиниции на луѓето за себе си и другите, може да доведе до „скокотливи“ роботи кои ќе прават разлика помеѓу допирот од некој друг и сопствениот. Дали можеби еден обичен пердув ќе го замени познатиот Тјурингов тест?

Поддржете ја нашата работа: