Звукот сепак може да патува низ Универзумот

Веројатно сте слушнале и порано дека ако викате во вселената никој не може да ве слушне, бидејќи звукот не се движи во вакуум.

Со други зборови, звукот не може да се пренесе во вселенскиот вакуум затоа што не постојат молекули низ кои звучните бранови би можеле да се движат. Сепак, ова не е целосно точно.

Вселената не е потполно празен простор, иако големи делови од неа се. Интерстеларниот гас и прав што остануваат после старите ѕвезди и понекогаш служат за создавање на нови, имаат потенцијал да ги пренесуваат звучните бранови, само ние не можеме да ги слушнеме.

Звукот патува кога молекулите удираат едни во други, исто како што се шират брановите кога ќе фрлите камен во вода и како што брановите сѐ повеќе се оддалечуваат, така и звукот постепено ја губи јачината и затоа може да го слушнеме само звукот што се создава во наша близина. Кога звукот патува, предизвикува осцилации на воздушниот притисок. Времето помеѓу осцилациите претставува фреквенција на звукот (се мери во херци), а растојанието помеѓу врвовите на осцилациите се нарекува бранова должина.

Звучните бранови може да патуваат низ медиум само ако должината на брановите е поголема од просечното растојание помеѓу честичките. Затоа, брановите треба да имаат голема бранова должина за да можат да стигнат од една честичка до друга во одредени делови од просторот. Кога звуците се под 20 херци тие стануваат инфразвуци и човекот не може да ги слушне.

Најнискиот звук што го имаат регистрирано научниците досега, потекнува од црна дупка. Тој е 57 октави под средното Ц или околу милион милијарди пати пониско од звукот што може да го слушнеме. На нашата планета, звукот од многу силен земјотрес е понекогаш доволно силен да може да стигне до вселената.

Кратко време после Биг-Бенг (околу 760.000 години), Универзумот имал доволна густина за да може нормалниот звук да поминува низ него.

 


Извор: „Gizmodo“.

Поддржете ја нашата работа: