Илузија Тачер

Прво, гледајте ги сликите околу 10 секунди – Забележавте ли нешто необично (освен што се сликите наопаку, се разбира)


Сега, одете надолу и погледнете ги сликите. Забележувате ли нашто необично? Тоа се истите слики, само исправени.

Што се случува?

Луѓето на сликите изгледаат нормално кога сликите се завртени наопаку, додека пак, штом ќе ги поставите во нормална положба веднаш ви станува јасно дека се чудни, гротескни.

Зошто?

Очите и устата се наопаку и на едните и на другите слики, но вие веројатно ќе забележите дека нешто не е во ред само кога сликите се исправени. Ова се нарекува „Илузија Тачер“.

Илузијата Тачер е откриена во 1980 година од научникот Питер Томсон. Тој прв ја креирал оваа илузија, користејќи го ликот на тогашната премиерка на Велика Британија – Маргарет Тачер.

Кој дел од мозокот е одговорен за ова?

Средниот префронтален кортекс (medial prefrontal cortex) и задниот цингуларен (posterior cingulate) се одговорни за обработка на информациите што се однесуваат на очите и устата (очите и устата ги даваат социјалните и емотивните знаци). Фузиформната регија (fusiform area) и страничниот окципитален кортекс (lateral occipital cortex) исто така можат да бидат вкучени во процесирањето на „чудни лица“.

Зошто ова се случува?

Илузијата Тачер сè уште ја бранува научната јавност. Сè уште точно не се знае како функционира оваа илузија. Знаеме дека мозокот има високо развиен осет за препознавање на лица, така што лесно можеме да ја кажеме разликата помеѓу одделни лица.

Но како мозокот го прави ова? Истражувачите сметаат дека мозокот го распознава ликот врз основа на конфигурацијата на цртите, како што е раздалеченоста помеѓу носот и устата или растојанието помеѓу очите. Но кога лицето е свртено наопаку, мозокот не може толку добро да ги распознае цртите, затоа што ние нормално не гледаме во лицата наопаку. Ние не сме еволуирале да ги распознаеме изразите на лицата кога се свртени наопаку, затоа и не ги забележуваме промените на очите и устата кога ликот е свртен наопаку.

Значи, нешто што навидум изгледа многу едноставно како што е препознавањето на лицата на пријателите во толпа луѓе, всушност е многу сложена работа – конфигурацијата на лицето, пропорциите и изразите на лицето, се чини дека им обезбедуваат на луѓето важни информации за нивното потекло, здравје, социјална интеракција.

Како точно мозокот ги воочува и процесира различните аспекти за распознавање на лицето се’ уште е предмет на контроверзна расправа помеѓу научниците. Оваа илузија е одличен пример за тоа уште колку многу треба да учиме за мозокот. Нашите сетила постојано го бомбардираат мозокот со информации за мирисите, вкусовите, видот, допирот, звукот и мозокот веројатно не може да ги обработи сите информации и затоа ги филтрира за да одреди кои информации се доволно важни за да ги обработи. Ова може понекогаш да предизвика мозокот да прави претпоставки за перцепцијата, како што се забележува кај „илузијата Тачер“ – ние не забележуваме колку се чудни и гротескни ликовите кога се свртени наопаку, туку само претпоставуваме дека очите и устата се во правилна положба.

ЕНаука.мк e проект во кој главната движечка сила се лица со хендикеп и негови главни цели се враќање на интересот за науката и технологијата во нашите домови, институции и медиуми, како и да докаже дека вистинското место на лицата со хендикеп е во македонската наука и економија. Редовното посетување на нашиот портал, споделувањето и дискусија на интересните статии ќе овозможи одржливост на овој проект и ќе поттикне други слични идеи од кој бенефит би имало целото општество.

Поддржете ја нашата работа: