Природната средина околу нас се менува со менувањето на годишните времиња. Топлото време, генерално носи повеќе природни бои во нашато опкружување, заради изобилството на растителниот свет. Зимата, од друга страна, се карактеризира со пократки потемни денови и со помалку видливи бои во нашата надворешна средина.
Она што научниците досега не го знаеле е дека овие промени во количината на бои што не опкружуваат имаат влијание на тоа како ги перципираме боите. Истражувачите од Универзитетот во Јорк, Велика Британија, за прв пат покажале дека нашата перцепција за боите, всушност се менува во текот на годината, бидејќи мозокот се обидува да ги изедначи различните нивоа на бои кои се јавуваат во лето и во зима.
Истражувачите направиле експеримент во кој учествувале 67 мажи и жени, за време на две различни годишни времиња: зима (јануари) и лето (јуни). Учесниците биле поставени во затемнети простории и им бил даден колориметар кој може да се подесува, за да добијат „уникатна жолта“ боја.
Човековото око може да разликува четири уникатни бои – сина, зелена, жолта и црвена, кои не содржат примеси од ниедна друга боја. Уникатната жолта (УЖ) боја е посебна дури и меѓу овие четири уникатни бои, бидејќи и покрај тоа што очите кај луѓето се различни, во основа секој е во можност да одреди што е уникатна жолта боја, во даден момент.
Сепак, во експериментот што се одвивал во две дијаметрално спротивни годишни времиња, истите учесници како „уникатна жолта боја“ идентификувале две различни бои покажувајќи, како што го нарекуваат научниците „значителна сезонска промена на претставата за УЖ“.
„Со ова, за прв пат се покажува дека природните промени во нашата околина влијаат на нашата перцепција на боите. Нашиот вид ги компензира тие промени и тоа го менува нашето мислење за тоа како изгледа „жолтото“. Ова по малку наликува како менувањето на балансот на боите на вашиот телевизор“- велат научниците.
Овие наоди, што беа објавени во „Current Biology“, немаат непосредна практична примена, но кажуваат многу за начинот на којшто работи нашиот мозок и може да претставуваат основа за понатамошни психолошки истражувања.
„Ова може да има значителен ефект на начинот на кој ги дијагностицираме и третираме визуелните нарушувања“- додаваат научниците.