Марихуаната побезбедна од алкохолот и цигарите

Според новото истражување, на индивидуално ниво, алкохолот претставува најголем ризик за смртност, кој во минатото бил потценет. Потоа следат никотинот, кокаинот и хероинот. Марихуаната се покажала како најмалку смртоносна и се наоѓа најдолу на листата, што е во согласност со резултатите од претходните истражувања кои редовно ја рангираа како најбезбедна рекреативна дрога.

Иако ова можеби не е нешто што владите би сакале да го слушнат, тоа ја нагласува потребата да се користат научни докази кога  се креираат политиките за употребата на легалните и нелегалните супстанци.

Се чини дека поголемиот дел од светот одамна има заземено став за опасностите од   нелегалните дроги. Ова, заедно со фактот дека е тешко да се процени и класифицира ризикот од злоупотребата на дрогите кај луѓето, покажува зошто постојат малку научни истражувања каде што се врши споредување на опасностите од различни дроги. Уште повеќе, бидејќи злоупотребата на нелегалните дроги се смета за поголем проблем во општеството од  другите познати штетни супстанции, како што е алкохолот и разни други лекови што се добиваат на рецепт, владите се наклонети кон се порестриктивни политики, многу почесто повеќе засновани на емоции отколку на научни претпоставки.

И покрај овие потешкоти, неколку истражувања направија обид да извршат проценка на ризикот од различни дроги, како што е утврдувањето на тоа колку се токсични и колку  создаваат зависност при акутна и хронична употреба, но беа остро критикувани заради можноста некои оценки да бидат повеќе субјективни, отколку научни.

Во обид да ги надминат овие проблеми, научниците излегоа со нова техника за проценка на ризикот, наречена  „Граница на изложеност“. Поедноставно кажано оваа метода го разгледува соодносот помеѓу дозата која предизвикува негативни ефекти и количината која корисниците вообичаено ја користат. Дрогите кои биле предмет на истражување се: хероин, канабис, никотин, алкохол, метадон, амфетамини и  „МДМА“.

Како што е опишано во „Scientific Reports“, на ниво на индивидуална употреба, четири супстанци се класифицирани како високо ризични: алкохол, никотин, хероин и кокаин. Останатите спаѓаат во групата т.н. „ризични“ категории. Сепак, ако се погледнат ризиците врз вкупната популација, а не само индивидуално, само алкохолот се смета за високо ризичен. Според резултатите, канабисот е околу 114 пати помалку смртоносен од алкохолот и е единствен помеѓу испитуваните супстанции кој спаѓа во групата на ниско ризични.

Мора да се каже дека истражувачите изречито нагласуваат дека овие резултати во никој случај не значат дека пиењето на умерени количини на алкохол е полошо од хероинот.  Голем дел од штетните ефекти што се поврзани со употребата на дрогите не се последица на самите дроги, туку на условите каде што таа се употребува, како на пример употребата на иста игла, а тоа не било земено во обѕир во истражувањето.

Критики на истражувањето:

Ова истражување се обидуваше да одговори на критиките што се однесуваа на претходните истражувања, а пак покажа слични резултати, неопходно е да се нагласи дека сепак има значителни ограничувања и дел од нив истражувачите ги истакнале во извештајот. На пример, истражувањата на долгорочните ефекти од употребата на супстанците се недоволни,( ЕНаука.мк архива :Ефектите од долгорочна употреба на марихуана )  што значи дека единствениот ризик кој можеле да го проценуваат истражувачите е ризикот од смрт, а не на пр. инциденцијата од појавата на рак. Понатаму, иако канабисот се оценува како најмалку ризичен, истражувањето не го зема во обѕир  начинот на употреба на канабисот. Иако некои компоненти од канабисот можеби не претставуваат особен ризик за здравјето, пушењето на канабис претставува ризик, поради вдишувањето на надразнувачите. Оттаму, неговото јадење би било побезбеден начин на изложеност, но ова не било опфатено со истражувањето.

Настрана од критиките – кои се главните пораки?

 Според авторите треба повеќе да се фокусираме на справувањето со ризиците од цигарите и алкохолот, отколку од илегалните дроги. Покрај тоа, за оние дроги што се сметаат за ниско ризични, тие сугерираат дека пооправдано и подобро би било употребата да се регулира, отколку да се забранува.

Поддржете ја нашата работа: