Мистериозен синдром го нарушува видот на астронаутите

Веќе е познато дека вселената влијае на телото на астронаутите – ја намалува нивната мускулна маса и ги прави во просек за 5 сантиметри повисоки. Сега, научниците откриле уште еден посуптилен несакан ефект – вселената влијае и на видот на астронаутите.

Всушност, 80% од астронаутите кои се вратиле од долготрајни мисии во вселената покажуваат симптоми на мистериозна состојба на очите која предизвикува кратковидост, известува „The Washington Post“.

Видот на астронаутите мора да биде беспрекорен пред тие да заминат во вселената, па ова би можело да претставува голем проблем за идните човечки мисии во вселената, како онаа која треба да ги однесе луѓето на Марс до 2030-тите години.

Што ги предизвикува проблемите со видот?

Џон Филипс, кој бил еден од астронаутите на Меѓународната вселенска станица во 2005 година, прв ја забележал оваа состојба. Во текот на неговото време во орбитата, неговиот вид бил оштетен, не доволно за да влијае на мисијата, но кога докторите го тестирале кога се вратил на Земјата, тие откриле дека неговиот вид се влошил од 20/20 до 20/100 за време на неговиот шест месечен престој во вселената. Покрај тоа, тестовите покажувале дека и неговите очи биле променети – задниот дел станал порамен, со што ја туркал ретината понапред, имал хороидални набори што се слични на стрии и неговите оптички нерви биле воспалени.

1НАСА најпрво помислила дека ова е изолиран случај, се додека не пронашла докази дека поголемиот дел од астронаутите претрпеле некаков вид на проблеми со видот додека биле во вселената, или по нивното враќање.

Сега, научниците ја нарекле оваа состојба „visual impairment intercranial pressure syndrome“ и водечката хипотеза е дека овој синдром е предизвикан од недостатокот на гравитација кој предизвикува притисокот да се зголеми во главата на астронаутите.

На Земјата, гравитацијата ги влече течностите надолу, кон нашите нозе, но во вселената тоа не се случува, па тој вишок на течности во черепот може да врши притисок на задниот дел на очите, што предизвикува да станат порамни, притоа туркајќи ја ретината напред и оштетувајќи го видот.

Научниците сметаат дека ова е можно да се случува и со скенирања го потврдиле порамнувањето на задниот дел на очите, но не можат да го потврдат интеркранијалниот притисок бидејќи единствениот начин за да се мониторира е да се направи лумбална пункција или дупка во главата на астронаутите – што и не е баш идеално за во вселената, но е опција која НАСА треба да ја разгледа доколку сака во иднина да открие што точно се случува и како да се реши тоа.

Добрата вест е дека научниците веќе тестираат начини како да го намалат притисокот во очите и да ги одржуваат научниците силни и здрави за време на нивниот престој во вселената, за да бидат подготвени да се справат со она што би можело да ги чека на Црвената Планета.

Поддржете ја нашата работа: