Најмалите вампири на светот

На самo неколку метри од нас , сосема е извесно дека има некој вампир што јаде. Ја фаќа жртвата, ѝ ја прободува кожата и ѝ ги цица телесните течности. Ова трае само неколку минути. Потоа, ја отфрла празната лушпа од жртвата и „се сместува“ за да го свари оброкот или можеби да создаде нов вампир.

Но, ова не е некој вампир од Трансилванија. Овие вампири се всушност едноклеточни организми што се нарекуваат вампирелиди (Vampyrellidaе), кои  напаѓаат други едноклеточни организми, па дури и поголеми животни, како некои  црви. Тие се незаситни прастари организми кои според две нови истражувања се присутни насекаде.

„Амебоидните вампири“ првпат се опишани во 1865 година од рускиот биолог Леон Циенковски (Leon Cienkowski). Тој открил светло-црвени едноклеточни суштества многу слични на амеби, кои ги напаѓаат алгите, со тоа што ја пробиваат клеточната мембрана и ја извлекуваат нивната содржина. Поради очигледната сличност со фолклорните приказни, овие микроорганизми ги нарекол вампирели (Vampyrella).

Во оваа група спаѓаат уште неколку други видови, познати под заедничко име како вампиролиди. Денеска се смета дека тие се дел од една огромна група на рaзлични едноклеточни организми што се нарекува „Rhizaria“.

Овој стравичен начин на исхрана ги фасцинира микробиолозите веќе 150 години. Во едно истражување од 1926 година беше опишано како „Vampyrella lateritia“ ја обиколува зафатенета клетка и за околу една минута ѕидот на нападната клетка почнува да се вовлекува навнатре. Кога клетката конечно ќе попушти, „амебата вампир“ наеднаш, преку еден овален отвор, ја „проголтува“ клетката на алгата.

Денеска се знае дека овие организми не напаѓаат само алги. Неки видови можат да нападнат габи, па дури и повеќеклеточни организми како некои видови црви. Ако нема доволно храна, клетките од некои видови можат да се соединат и да формираат поголеми структури. Тоа им овозможува да патуваат подалеку во потрага по храна.

Откако ќе се „најадат“ вампирелидите создаваат цврст ѕид околу себе што се нарекува циста.

„Остануваат неподвижни, се додека не ја сварат храната“, вели Себастијан Хес (Sebastian Hess) од Универзитетот „Cologne“ од Германија. Ова траe ден-два и за тоа време клетката се дели. Како резултат на тоа, кога цистата повторно ќе се отвори, може да има две вампирски амеби, на местото каде што била само една.

Хес и неговите колеги се обиделе да откријат како овие различни видови вампирелиди се маѓусебно поврзани. Тој во лабораториски услови култивирал осум видови на вампирелиди и ја секвенцирал нивната ДНК.

Иако сите тие се oзначуваат како вампирелиди никој не знае дали тие се навистина поврзани. На многу начини, тие се многу различни. На пример, додека видовите вампирела имаат приблично округла форма, „Leptophrys vorax“ може да се развлекува и да добива различни форми.

Но, ДНК покажала дека сите тие припаѓаат на една иста група. Хес открил дека постојат барем две „роднински“ групи помеѓу вампирелидите. Едната ја сочинуваат видовите „Vampyrella“, а во  другата група спаѓаат организмите како што е „L. vorax“.

Се чини дека се поделени врз основа на тоа каде живеат; сите видови „Vampyrella“ живеат во барите и мочуриштата, додека пак видовите од другата група живеат во почвата.

Една година подоцна , Седрик Берни (Cédric Berney) од Природонаучниот музеј во Лондон и неговите колеги, ги поместија работите чекор понапред. Тие откриле осум нови видови вампирелиди кои живеат во солена вода, како и 454 ДНК-секвенци кои очигледно припаѓаат на вампирелидите и се распространети низ целиот светот.

Тоа значи дека постојат многу повеќе „амебоидни вампири“ отколку што се претпоставуваше – особено во морињата каде никој досега вистински не ги побарал.

Според анализата на Берни, двете групи што Хес ги открил се дел од една поголема група, а се чини дека постојат уште две вакви големи групи и секоја од нив ја сочинуваат главно морските видови.

Повеќето од овие видови се препознаени по трагите од ДНК што ги оставиле во водата или талогот, така што не е познато како тие изгледаат. ДНК анализите што ги направил Берни сугерираат дека вампирелидите содржат поголема генетска разновидност од сите габи што постојат, иако Хес е скептичен, бидејќи анализите се базирани само на еден ген.

„Новите видови е тешко да се најдат. Вампирелидите се распространети насекаде но тие обично не се појавуваат во голем број“, вели Хес. Тоа можеби е затоа што тие се предатори и им треба многу простор за лов, или можеби пак нешто ги јаде нив.

Меѓутоа и после 150 години откако беа откриени, мистеријата околу „амебоидните вампири“ останува нерешена – како тие ја пробиваат клеточната обвивка на бактериите или габите за да ја исцицаат содржината од нив. Овие клеточни обвивки се многу цврсти; оние од габите се состојат од хитин (chitin), истата состојка од оклопот на раковите.

Перфорацијата се одвива многу брзо и Хес смета дека тие најверојатно поседуваат некаква хемикалија – збир на ензими кои можат да ја разложат клеточната мембрана на растението.

Ова не е само академско прашање. Многу научници и компании се заинтересирани за производство на био-горива произведени од алги. Тие би биле извори на гориво за автомобилите, речиси без јаглерод. Меѓутоа, многу е тешко да се пробие надворешниот ѕид на алгите и да се дојде до шеќерите богати со енергија што се во нив.

„Може да излезе дека ензимите од амебоидните вампири можат да бидат навистина од голема корист“, вели Хес.

Поддржете ја нашата работа: