Неколку интересни факти за Сонцето

Еве неколку факти за нашата матична ѕвезда, нашето Сонце, од кои некои можеби ќе ве изненадат.

Сонцето е оддалечено од нашата планета Земја околу 150 милиони километри. Има дијаметар од околу 1,4 милиони километри, што во споредба со Земјата е 109 пати повеќе. Масата на Сонцето е 330 000 пати поголема од масата на Земјата.

Досега, во својот 4,5 милијарди долг живот, Сонцето има изгорено и претворено во енергија маса околу 100 пати поголема од масата на Земјата. Сепак, Сонцето е толку големо, што оваа загуба во масата претставува само ситни 0,03 проценти од неговата вкупна маса.

Сонцето се состои од 75 проценти водород, 24 проценти хелиум и мали количини од други елементи меѓу кои и кислород, јаглерод, неон и железо.

Сонцето е сочинето од една посебна агрегатна состојба на материјата наречена плазма

Како и повеќето ѕвезди и Сонцето настанало преку кондензација на огромен молекуларен облак од прашина и гас (главно водород и хелиум). Но, не е создадено самостојно, туку како кластер заедно со веројатно 1.000 други ѕвезди – сите настанати од ист облак (значи „браќа и сестри“ на Сонцето).

Астрономите откриле дека сосема сигурно една од тие „роднини“ на нашето Сонце се наоѓа на оддалеченост од околу 110 светлосни години во соѕвездието Херкул и се нарекува „HD 162826“. Малку е поголемо и пожешко од нашето Сонце – но е со иста старост, бидејќи настанало во исто време.

Уште една необичност на Сонцето е тоа што има дождови. Се разбира не се работи за водени дождови, туку за дождови од плазма, но и тие се создаваат слично како и дождовите на Земјата. Преку различни процеси, плазмата се исфрла во млазови на височина од 63.000 километри, се лади и повторно паѓа на површината на Сонцето. Овие „капки“ од плазма се со големина од 100.000 квадратни километри, или отприлика колку површината на Тасманија. Тие паѓаат на површината на Сонцето со брзина од околу 50 километри во секунда.

И покрај тоа што знаеме многу за нашиот најблизок вселенски сосед, сѐ уште постојат многу работи кои не ни се познати. На пример, уште не е познато зошто атмосферата на Сонцето е околу милион степени потопла од неговата површина.

Во 2017 година, Еврпската вселенска агенција ќе го лансира Соларниот орбитер, кој би требало за прв пат да ни овозможи поглед на северниот и јужниот пол на Сонцето. Потоа, следната година, НАСА ќе ја лансира Соларната Сонда Плус, летало што би требало да се приближи на шест милиони километри од површината на Сонцето. Ова би требало да биде доволно блиску за да ни овозможи увид во нови изненадувања за нашата матична ѕвезда.

Поддржете ја нашата работа: