Откопан вториот најголем дијамант на светот

Канадската рударска компанија „Lucara Diamond“ го откопа вториот најголем дијамант на светот во централна Боцвана. Првото место како најголем дијамант го зазема дијамантот „Кулинан“ кој изнесуваше неверојатни 3.106 карати во груба состојба, и се наоѓа во британскиот кралски накит, односно скапоцености.

Овој дијамант има 1.111 карати и претставува најголемото откритие на дијаманти во последниов век. Неговата вредност се’ уште не е проценета бидејќи е премногу голем за тоа да се направи на местото на самото откопување, па компанијата ќе го пренесе во Антверпен, Белгија за да му се процени вредноста. Веќе е класифициран како тип IIа на дијамант- категорија која ја сочинуваат само 1 до 2 проценти од сите природни дијаманти.

Класификацијата значи дека дијамантот речиси целосно или целосно нема бор или азотни нечистотии и дека има неверојатна термална спроводливост. Тоа е втор највисок ранг во однос на чистотата на дијаманти. Кога на тоа ќе се додаде неговата тежина од 222 г. и димензии од 6,5 см на 5,6 см на 4 см, овој се’ уште неименуван камен е навистина ретко откритие.

Истражувачите велат дека 24 часа по неговото откопување, биле откопани уште 2 големи дијаманти од кои едниот е проценет на 813 карати. За релативно мала компанија, ова претставува огромен успех.

Па, како се формираат волку големи дијаманти? Спротивно на она што сте го прочитале на интернет, дијамантите на почетокот не се формираат од јаглен, туку од голем број на минерали кои содржат јаглен и кои под екстремни температури и притисок формираат дијаманти во текот на 1 до 3,3 милијарди години.

Она што ги прави уникатни е поставеноста на јаглеродните атоми во форма на дијамант, што значи дека секој јаглероден атом е цврство врзан за 4 други јаглеродни атоми. Овој тип на поврзаност ја овозможува цврстината на дијамантите.

Во присуство на голем притисок и топлина, 5-те јаглеродни атоми формираат посебни ковалентни врски и создаваат кристална структура. Со текот на времето, се’ повеќе јаглеродни атоми се додаваат на оваа кристална структура, која на крајот расте во дијамант.

Сето тоа се случува на длабочина од 140 до 190 км. под површината на земјата. Единствената причина поради која ги пронаоѓаме дијамантите е тоа што тие се поместиле кон површината како резултат на антички вулкански ерупции. Овие ерупции не се случуваат повеќе, што значи дека најверојатно сите дијаманти што постојат, веќе ни се на дофат. Останува да видиме дали овие два дијаманти ќе останат најголемите на светот, или постојат уште поголеми кои чекаат да бидат откопани.

Поддржете ја нашата работа: