Откриени фосили од мозок

Ова откритие нуди најубедлив доказ дека мозокот навистина може да се фосилизира. Исто така овозможува увид во тоа како мозокот еволуирал и како членконогите се меѓусебно поврзани.

Во 2012 година, Николас Страусфелд и неговите колеги од Природонаучниот музеј во Лондон ги опишале фосилизираните остатоци од „Fuxianhuia protensa“ – антички членконоги кои живееле во периодот Камбриум. Тој примерок бил ископан од „Chengjiang Shales“ – најголемото наоѓалиште во провинцијата Јунан во југозападниот дел на Кина и имал исклучително добро зачуван мозок и оптички лобус што го прави најстарото познато фосилизирано нервно ткиво.

Палеонтолозите се сомневаа во тоа откритие, тврдејќи дека се работи за експериментални артефакти или дека тоа се случило под екстремно ретки и специјални околности, што го прави ова еднократен настан. Но, Николас и неговите колеги велат дека постојат уште седум други неодамна откриени примероци на „Fuxianhuia“ кои исто така имаат остатоци од нервно ткиво. Така, тие опишуваат низа експерименти кои би можеле да ги создадат условите во кои се сочувале.

Истражувачите ги испитале седумте нови примероци со скенирачки електронски микроскоп и откриле заедничка нервна архитектура која во поголема или помала мера е зачувана кај сите. Тие сметаат дека за мозокот да се фосилизира тие мора да биле закопани брзо, најверојатно при лизгање на земјиштето, што би ги заштитило од мршојадците и истовремено би го спречило распаѓањето поради ниското ниво на кислород. Покрај тоа, притисокот од покривниот кал би ја истиснал водата од ткивото, овозможувајќи му да си го задржи структурниот интегритет. Предуслов за тоа е ткивото да биде исклучително густо, а на научниците им е познато дека членконогите го имаат најгустото нервно ткиво од сите живи суштества.


Иако е невозможно целосно и точно да се репродуцира процесот на фосилизација, научниците спровеле низа експерименти (со помош на црви и бубашваби) кои ги имитираат условите под кои тие веруваат дека се случил процесот и откриле дека мозоците се сочувани на сличен начин.

Невро-анатомијата на „Fuxianhuia“ обезбедува нови индиции во еволутивната историја на членконогите – огромна група на организми која вклучува милиони пајаци, ракови и инсекти. Истражувачите биле изненадени кога откриле дека „Fuxianhuia“ има сложен мозок кој се состои од три сегменти и многу крвни садови. Оваа организација на мозокот наликува на сегашните видови, но покажува дека како што тие еволуирале, мозокот се уназадувал односно станувал помалку сложен.

Истражувањето е објавено во „Current Biology“.

Поддржете ја нашата работа: