Џони Метени стана првиот човек со ампутација кој беше подложен на операција со која нервите од раката му беа прицврстени за многу напредена протеза, што му овозможува да ја движи роботската рака со помош на неговите мисли. Метени кој ја изгубил левата рака како последица на рак, со години бил поборник за напредните протези и е среќен што повторно може да ја движи раката – благодарение на истражувачите од Универзитетот Џон Хопкинс.
Метени истакнува дека протетската рака може да ги прави истите работи што ги прави и нормалната дланка, рака и лакт.
Операцијата, која е позната како таргетирана мускулна реинервација, е нова процедура која отвора безброј можности за луѓето со ампутации, бидејќи му овозможува на мозокот да испраќа нервни сигнали до протезата. Пациентот сега може да ја контролира протезата со помош на своите мисли што му овозможува да изведува движења – како фаќање на предмети, многу полесно.
Метени бил исто така еден од првите кој е подложен на процедура што се нарекува осеоинтеграција, каде протезата се прицврстува директно на остатокот од екстремитетот со внесување на титаниумскиот имплант во срцевината на коската. Метени е првиот пациент во САД на кој му е направена и таргетирана мускулна реинервација и осеоинтеграција.
Иако изгледа како научна фантастика, сепак ова не e првиот случај на ваков успех. Во 2013 година научниците направија протетска нога која може да биде поврзана со нервите и да биде контролирана од мислите на пациентот. Минатата година, научниците направија тастатура која исто така може да се контролира со мисли за да им помогне на парализираните лица или лицата кои страдаат од амиотрофична латерална склероза да комуницираат полесно. Можеби најзабележително е она што го прави агенцијата „DARPA“, која развива протеза што ќе им овозможи на пациентите да добијат чувство за допир.
Но, Метени е првиот кој го проби патот за протетска рака која се контролира со мислите и истовремено е флексибилна и удобна.
„Ова не е само мал чекор, Метени помести цело поле напред. Нашиот следен предизвик е како да ја изнесеме оваа технологија од лабораторија и да им ја предадеме на луѓето на кои им е потребна“ – вели Мајкл МекЛафлин, главниот инженер во Лабораторијата за применета физика при Универзитетот Џон Хопкинс, во соопштението за печатот.