Рехабилитација на мозокот по мозочен удар

СПОДЕЛИ

Кај луѓето кои доживеале мозочен удар се забележани значителни подобрувања во говорот, силата и подвижноста откако во нивниот мозок биле инјектирани матични клетки, а кај некои дури и се повратила способноста за одење.

Иако се’ уште е рано, успехот на ова мало истражување сугерира дека сериозно сме ја потцениле способноста на мозокот самиот да се излекува, што еден ден би можело да доведе до третмани за враќање на неговата изгубена функционалност.

„На почетокот на истражувањето, една 71-годишна жена можеше да го мрда само левиот палец на раката. Сега може да оди и да ја крене раката над главата“, вели Гери Стајнберг, главен истражувач и неврохирург.

Ова е второ истражување, односно тестирање на тоа како инјектирањето на матични клетки во мозокот може да го подобри опоравувањето од мозочен удар. Претходното истражување беше спроведено во Велика Британија и покажало слични резултати, во рок од повеќе од една година по третманот.

Ова истражување било спроведено во Калифорнија од страна на компанијата „SanBio“. Учествувале само 18 пациенти кои доживеале мозочен удар во периодот од 6 месеци до 3 години пред истражувањето и сите 18 покажале подобрување во мобилноста, а 7 од нив покажале значителен напредок.

Како функционира оваа техника?

Оваа техника вклучува дупчење делови од черепот во регионите кои ги контролираат моторните движења (кои се оштетиле при ударот) и инјектирање на матични клетки. Инјектираните матични клетки се наречени мезенхимални матични клетки, кои во ова истражување биле донирани од двајца здрави донори и биле генетски модифицирани за да се изрази генот „Notch1“, за кој е познато дека го потикнува развојот на мозокот кај бебињата. Кај секој пациент биле инјектирани 2,5, 5 или 10 милиони вакви клетки.

Научниците се’ уште не се сигурни како ова ја подобрува мобилноста, но сметаат дека матичните клетки лачат фактори на раст кои потикнуваат создавање на нови врски помеѓу мозочните клетки и регенерација на ткивото. Всушност, го поттикнуваат мозокот да се подмлади, а со тоа и да се излекува.

Ова е навистина ветувачки, но се’ уште има многу работа пред да стане остварлив третман и потребни се и понатамошни тестирања кои треба да покажат дали оваа процедура е безбедна.

Научниците од Велика Британија веќе започнаа поголемо клиничко тестирање, а тимот на „SanBio“ планира тестирање на 156 пациенти, од кои една третина ќе бидат подложени на плацебо третман за да се види колку навистина е ефикасна оваа техника.

Истражувањето е објавено во „Stroke“.

Дискусија

Коментари