Познато е дека Универзумот постојано се шири од самиот почеток на времето. Од пред околу 13,8 милијарди години па до денес, Универзумот се проширил од големина на еден милијардити дел од протонот, па се до немерливи огромни размери како што е денес. Всушност, последните истражувања покажуваат дека тој се шири побрзо од тоа што може да се објасни со сегашните закони на физиката (енаука.мк).
Но, ако Универзумот се шири, прашањето е во што се шири?
Како што објаснува Фрејзер Кејн од „Universe Today“, една од можностите е дека се шири во мистериозна космичка празнина, наречена мултиверзум, која во себе го крие не само нашиот Универзум, туку и мноштво на паралелни универзуми.
Како што се објаснува во видеото, законите на физиката што ни се денес познати, не мора да важат и во другите универзуми. Работите што ние ги знаеме и што се од фундаментално значење за нас, како што се гравитацијата или врзувачките сили во атомите, едноставно не би постоеле во другите универзуми.
Па, да кажеме дека постојат повеќе универзуми – што ако нашиот Универзум практично се прошири и дојде многу блиску до соседниот универзум или удри во него?
Излегува дека знаците на ваква „космичка контузија“ навистина постојат и научниците со децении се обидуваат да ги објаснат. Фактички, во Универзумот постои регион кој е толку збунувачки што научниците буквално го нарекуваат „оската на злото“.
Според Кејн, постојат куп објасненија за необичноста на оската на злото, многу порелевантни од тоа дека ова претставува место на „средба на универзумите“, но, оваа можност сѐ уште не може да се отфрли.
И ако ова е навистина така, што се случува со кутрите вонземјани кои живеат во универзумот, со кои ние вака неучтиво се вкрстуваме?
Погледнете го видеото!