Минатата година, благодарение на леталото Нови Хоризонти на НАСА успеавме одблизу да го видиме Плутон – ледената џуџеста планета сместена на работ на нашиот Сончев систем. Иако сликите им овозможија на истражувачите огромен број на податоци за проучување, светот го воодушеви нешто сосема друго – еден регион во облик на срце што покрива голем дел од површината на планетата.
Овој регион е наречен рамнината Спутник, но многумина едноставно го нарекуваат срцето на Плутон. Една нова студија сега открива дека срцето можеби „отчукува“, со што се чини дека го одржува овој регион свеж и млад, во споредба со остатокот од џуџестата планета.
Се разбира, Плутон нема срце што чука и пумпа крв, но според две нови одделни студии –едната од Универзитетот Вашингтон, а другата од Универзитетот Пердју, срцето на Плутон „отчукува“ кога топол азотен мраз избива нагоре, се шири по површината и замрзнува над рамнината Спутник.
Ова константно „отчукување“ шири нов мраз над регионот што ги брише кратерите и другите знаци на старост на планета, со што прави регионот постојано да изгледа како да е недопрен.
Со други зборови, геолошкото отчукување предизвикува постојаното пумпање на мраз да формира регион во форма на срце, исто како кога нашето срце пумпа крв што понекогаш мора да се насобере на површината како кора за да ја затвори раната.
Најдобрата претстава за тоа како изгледа овој геолошки процес е да замислите како изгледа овесна каша кога врие во печка. Како што вели Александар Тоубриџ за „National Geographic“: „Може да се види дека површината се дели на различни полигони. Кога печката е вклучена, централните делови на овие полигони ќе бидат издигнати, но ако ја исклучите, тие ќе паднат“.
„Печката“ во овој случај веројатно се напојува од радиоактивните елементи што се наоѓаат во внатрешноста на Плутон, а топлината што ја создаваат при распаѓањето ги загрева регионите кои е со големина од 10 до 40 км. во дијаметар.
Овие наоди се можниот одговор на тоа зошто рамнината Сптник изгледа така.
Регионот се протега на 1.200 км. во дијаметар и изгледа помлад во споредба со останатиот дел од планетата. Покриен е исто така со необични полигони, што според истражувачите веројатно е знак дека под нив се задржува потопол азотен мраз.
Според истражувачите, срцето на Плутон се покрива со нов мраз на секои 500 илјади до еден милион години, што значи дека веројатно рамнината Спутник пред многу години изгледала поинаку и веројатно и во иднина ќе изгледа различно.
Двата истражувачки тима дошле до овие заклучоци со помош на компјутерски модели кои ја симулираат нивната хипотеза за азотниот мраз за период од еден милион години. По завршувањето на пресметките, она што го добиле двата тима е многу слично на тоа што може да се види на сликите од Нови Хоризонти.
Двата тима генерално се согласуваат околу тоа како се одвива основниот процес, се разликуваат само во детали, на пример на која длабочина се наоѓа слојот од азотен мраз.
Двете истражувања се објавени во списанието „Nature“ тука и тука.