Лицата кои патат од пореметување во исхраната успеваат да ја избегнуваат храната затоа што го истренирале својот мозок да ги игнорира сигналите за глад – покажува едно ново истражување.
Истражувањето, што е објавено во „Translational Psychiatry“ покажува дека кај луѓето што страдаат од анорексија и булмија „нормалните патишта за стимулација на апетитот во мозокот ефикасно се заобиколуваат“, се вели во извештајот од Универзитетот во Колорадо.
Научниците од овој универзитет вршеле проучување на тоа на кој начин реагираат здрави жени и жени со анорексија или булимија кога ќе вкусат засладен раствор. Наодите покажале дека за разлика од здравите луѓе каде хипоталамусот ги мотивира да јадат, мозокот кај жените со пореметување во исхраната испраќа сигнали од други региони кои го прескокнуваат хипоталамусот. Жените со овие пореметувања имале „широко распространети промени во патиштата“ кои се поврзани со регулација на апетитот, особено во белата материја која е вклучена во комуникацијата на различни региони во мозокот.
И анорексичните и булимичните лица имаат искривена слика за своето тело и страв дека ќе се здебелат. Кај двете пореметувања постојат бројни сличности – како на пример претераното вежбање, но имаат една клучна разлика. Анорексичните луѓе внесуват исклучително малку храна или дури и се изгладнуваат и имаат мала телесна тежина, додека луѓето со булимија имаат тенденција скришно да јадат огромни количини на храна, а потоа ја исфрлаат храната од телото најчесто преку повраќање.
Лицата со овие пореметувања во исхраната го истренирале мозокот да ја игнорира гладта.
„Регионите за глад во мозокот би требало да ве натераат да станете и да земете нешто за јадење. Но кај луѓето со анорексија или булимија тоа не се случува“, вели во извештајот водачот на истражувањето д-р. Гвидо Франк.
Наодите ја откриваат невролошката причина зошто некои луѓе јадат кога се гладни, а некои (како луѓето со пореметувања во исхраната) можат и да не јадат.