Научници од Шведска велат дека повторно откриле метеорит за кој се сметаше дека е одамна „исчезнат“ – односно дека ваков тип на карпи веќе не паѓаат на Земјата.
Ако се потврди, ова ретко откритие може многу да открие за колизиите кои се случуваат во вселената и за метеорите кои сѐ уште ја удираат Земјата.
Метеоритот е откриен во 2011 година, но на научниците им биле потребни пет години за да утврдат што точно тој претставува. Тој е со должина од околу 8 сантиметри и се смета дека е стар 470 милиони години.
Објектот е откриен во каменоломот Торсберг, во близина на селото Остерплана, заедно со уште 100 хондрити од Л-тип со слична старост. Овој тип на метеорити се откриваат изминатите неколку стотици години.
Метеоритот се разликува на два начина – прво, содржи зрна од кристал познати како спинел, кои не се исти како тие што се откриени во другите познати метеорити. Второ, соодносот помеѓу хромот со кислородните изотопи се разликува од сите досега видени метеорити.
Хипотезата на истражувачите е дека овој метеорит претставува фрагмент од астероид што удрил во матичниот астероид на сите хондрити од Л-тип кои се расфрлани низ нашата планета. Доколку се открие повеќе за тоа од каде дошол овој мистериозен метеорит, тоа може да обезбеди нови сознанија за тоа како еволуирал животот на Земјата пред речиси 500 милиони години.
За време на периодот Ордовициум, од кога и датираат карпите, на планетата настанале големи промени во диверзитетот на морските животни и почнале да се јавуваат првите корални гребени. Благодарение на новото откритие, можно е да се поврзат овие промени со настани што претходеле во вселената.
„Нашите погледи за тоа како се формирал и еволуирал Сончевиот систем ги базираме на метеоритите кои денеска паѓаат на Земјата. Ако овие метеорити не се типични како оние што во минатото паднале на Земјата, тоа треба да се земе во обѕир кога ќе се прави реконструкција како првичната маглина се кондензирала во цврсти планети и астероиди“- вели геологот и водач на истражувањето Биргер Шмит од Универзитетот Лунд.
Наодите се објавени во списанието „Nature Communications“.